Османи и новиот командант на КФОР разговарале за „заканите со беспилотни летала“ од Србија
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на состанокот со новиот командант на мировната мисија на НАТО во Косово (КФОР) турскиот генерал-мајор Озкан Улуташ, истакна дека нејзината земја се соочува со „закани од беспилотни летала“ од Србија.
На состанокот со генерал-мајор Улуташ, кој минатата недела ја презеде функцијата командант на КФОР, Османи разговараше за безбедносните случувања, објави кабинетот на косовскиот претседател.
„Разговарајќи за безбедносните случувања и заканите што доаѓаат од Србија, вклучувајќи ги и заканите со посебен фокус на употребата на беспилотни летала, претседателката ја нагласи важноста на координацијата и соработката на КФОР со нашите безбедносни институции со цел да се спречат дестабилизирачките тактики на Србија“, пишува во соопштението.
Косовските власти кон крајот на септември изјавија дека воздушниот простор на Косово бил нарушен од според сомневањата, српски беспилотни летала.
Сепак, ниту вршителот на должноста министер за внатрешни работи Џелал Свекла, ниту директорот на косовската полиција Газменд Хоџа не дадоа дополнителни детали за тие наводи или кога се случиле тие сомнителни дејствија.
Од друга страна, КФОР за Радио Слободна Европа на 26 септември соопшти дека не евидентирале никакво нарушување на воздушниот простор на Косово од страна на беспилотни летала од странство, што би можело да влијае на целокупната безбедност на земјата.
Мировната мисија на НАТО, исто така, изјави дека „не сакаат да шпекулираат со извештаи за неовластени летови на беспилотни летала над Косово“.
Османи, исто така, се пожали на „постојаните закани“ од Србија на неодамнешниот состанок со командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол, адмирал Стјуарт Б. Манш.
КФОР е третата безбедносна сила во Косово, по Косовската полиција и Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС).
Мисијата на НАТО, меѓу другото, е одговорна за безбедноста на границата меѓу Косово и Србија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ги отфрли обвинувањата на Османи, велејќи дека „сите се подготвуваат за војна“ и дека Косово „се обидува да го искористи времето пред војната“ за да ги придобие повеќето европски и НАТО земји.
Тензиите меѓу Косово и Србија особено се зголемија кон крајот на 2023 година, кога косовската полиција беше нападната од група вооружени Срби на северот на Косово, во области населени со Срби.
Еден косовски полицаец и тројца српски напаѓачи беа убиени во тој напад во селото Бањска, општина Звечан, а одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на најголемата српска партија во Косово - Српската листа.
Косово го окарактеризира нападот како терористички чин и ја обвини Србија, додека Белград негираше каква било вмешаност.
НАТО го зголеми своето присуство во Косово во текот на 2023 година, по ескалацијата на тензиите на север, и моментално има 4649 мировници од 33 земји.