ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7
8
9
10
11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Алиу: Ќе се менуваат 12 закони, за да не се кочат процесите во здравството

0

Работни групи од Министерството за здравство ќе работат на измени и дополнувања на 12 законски решенија, кои директно се однесуваат на здравствениот систем. Ова денеска (6 октомври) го најави министерот за здравство Азир Алиу, потенцирајќи дека станува збор за најобемната реформа на законските прописи во здравството досега.

„Целта е подобрена законска рамка која ќе биде гаранција за поквалитетни услуги, фер пристап и поголема сигурност за пациентите. Идејата е да бидат синхронизирани сите 12 закони со цел да може процесите во здравствениот систем да не се кочат“, изјави Алиу.

Станува збор за системско преосмислување на 12 закони во различни области – од евиденции, преку осигурување и лекови, до биомедицина и јавно здравје, во насока на нивно поврзување и функционирање како една целина.

„Со овие закони целиме кон здравствен систем што е стабилен, поврзан и предвидлив. Систем во кој секој податок, секоја постапка и секоја одлука ќе има место, логика и одговорност“, рече Алиу и ги повика сите активно да се вклучат во овие процеси со цел заедно да ги подобрат законите, а со тоа и состојбите во здравствениот систем.

Здравствените власти уверуваат дека со синхронизирање на 12 закони од областа на здравството почнувајќи од евиденции, преку осигурување и лекови, до биомедицина и јавно здравје и нивно поврзување и функционирање како една целина, ќе се овозможи унапредување на процесите во здравствениот систем.

Стручната и јавна расправа ги опфаќа измените и унапредувањата на законите за евиденции во областа на здравството, за здравствената заштита, за здравственото осигурување, за лекови, за медицински средства, за јавно здравје, за заштита на населението од заразни болести, за заштита од пушењето, за биомедицински потпомогнато оплодување, за комплементарна и алтернативна медицина, за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување и за санитарна и здравствена инспекција.