Советот за човекови права на ОН започна истрага за законските прекршувања во Авганистан
Советот за човекови права на ОН одлучи да покрене истрага за сериозни кршења на правата во Авганистан, поради растечката загриженост поради мерките на Талибанците насочени кон жените и девојчињата.
Врховното тело за човекови права на Обединетите Нации одлучи да покрене истрага за собирање и зачувување на докази за меѓународни злосторства.
Нацрт-резолуцијата поднесена од Европската Унија беше усвоена без гласање од страна на Советот од 47 земји во Женева.
„Четири години откако Талибанците ја преземаа власта со сила, состојбата со човековите права само се влоши поради продлабочувањето на хуманитарната криза“, изјави амбасадорот на Данска, Иб Петерсен, претставувајќи ја резолуцијата во име на Европската Унија.
Тој додаде дека Талибанците ја „зацврстиле репресијата и го уништиле граѓанскиот простор во Авганистан“.
„Овој совет има должност да реагира и да се солидаризира со народот на Авганистан“, рече Петерсен, нагласувајќи дека истрагата ќе се справи со долгогодишната неказнивост.
Резолуцијата воспоставува тековна независна истрага „за собирање, консолидирање, зачувување и анализа на докази за меѓународни злосторства и најсериозни кршења на меѓународното право“.
Нејзиниот опсег вклучува кршења и злоупотреби особено врз жените и девојчињата.
Исто така, ќе се подготват досиеја за олеснување на независните кривични постапки.
„Механизмот ќе може да ги зачува сведоштвата и приказните на жртвите“, изјави портпарол на ЕУ за АФП.
Инаку Талибанците се вратија на власт во Авганистан во 2021 година и воведоа строга верзија на исламскиот закон.
Талибанската влада останува во голема мера исклучена од Меѓународната заедница, која ја критикува за нејзините репресивни мерки, особено оние насочени кон жените.
Авганистанските жени повеќе не можат да практикуваат многу професии или да патуваат без машка придружба. Ним им е забрането да учат по 12-годишна возраст, да шетаат во паркови или да одат во теретани.
Резолуцијата „ја осудува институционализацијата на Талибанците на нивниот систем на дискриминација, сегрегација, доминација, непочитување на човечкото достоинство и исклучување на жените и девојчињата“.
Ферешта Абаси, истражувачка за Авганистан во невладината организација „Хјуман рајтс воч“, за АФП изјави дека истрагата „ги известува Талибанците и сите други одговорни за минатите и тековните сериозни злосторства во Авганистан дека се собираат и подготвуваат докази за еден ден тие да се соочат со правдата“.