Невреме во северозападна Европа предизвика прекини на струја и летови
Силно невреме денеска, 5 октомври, погоди делови од северозападна Европа што предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија, откажување на летови, соборени дрвја и блокада на некои сообраќајници, јавува агенцијата ДПА.
Во белгискиот главен град Брисел, противпожарната служба одговорила на околу 90 повици, претежно за паднати дрвја или скршени гранки. Бројни повици и материјална штета се пријавени и во други делови од земјата.
Во Германија, според ДПА, невремето предизвикало штети во неколку покраини, а повредени се две лица кои се превезувале во минибус врз кој паднало дрво. Повеќе патишта се затворени поради паднати дрвја, а германската метеоролошка служба соопшти дека и во попладневните часови се очекува ветер до 100 километри на час.
Во Шкотска и Норвешка, некои домаќинства останаа без струја поради оштетени далноводи.
Според норвешкиот радиодифузер НРК, десетици илјади домаќинства во јужните и централните делови на скандинавската земја немаат електрична енергија.
Во Шкотска има прекини во железничкиот сообраќај, во Холандија се откажани околу 150 летови, а некои патишта се блокирани поради паднати дрвја.