Јапонија може да ја добие првата жена премиер
Владејачката конзервативна партија во Јапонија ја избра Санае Такаичи за свој нов лидер, со што 64-годишната политичарка е првата жена што може да стане премиер во историјата на земјата.
Либерално-демократската партија, која владееше со Јапонија поголемиот дел од повоената ера, ја избра Такаичи со цел да ја врати довербата од јавноста која е огорчена поради зголемувањето на цените, но и се повеќе наклонета кон опозицијата која ветува економски стимулации и построги мерки против мигрантите.
Актуелниот премиер Шигеру Ишиба, кој е на функцијата нешто повеќе од една година, минатиот месец објави дека ќе поднесе оставка по серијата изборни порази во кои владејачката коалиција на Либерално-демократската партија (ЛДП) го загуби мнозинството во двата дома на парламентот.
Такаичи важи за една од поконзервативните кандидати за премиер, кои се наклонети кон десно.
Таа е долгогодишен обожавател на првата британска премиерка, Маргарет Тачер, но многумина не ја гледаат како поборник за напредок.
Конзервативната Такаичи долго време се спротивставува на законодавството што би им дозволило на жените да ги задржат своите момински презимиња по стапувањето во брак, тврдејќи дека тоа е спротивно на традицијата. Таа, исто така, се спротивставува на истополовите бракови.
Такаичи е редовна посетителка на контроверзното светилиште Јасукуни, кое им оддава почит на жртвите од војната во Јапонија, вклучувајќи и некои осудени воени злосторници. Доколку биде избрана за премиерка, таа рече дека почесто ќе патува во странство за да ја пренесе пораката дека Јапонија се вратила на сцената.
Гласањето за нов премиер во парламентот се очекува на 15 октомври, а Такаичи се смета за фаворитка, бидејќи владејачката коалиција има најмногу места во него.