Родителите на жртвите во Кочани реагираат за пропусти во обвинението
По 25. пат родителите и роднините на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани излегоа на протестен „Марш за ангелите“ од каде повторно реагираа за пропусти и прикривања во однос на истрагата и обвинителниот акт.
Маршот следува еден ден откако вчера (3 октомври), Основниот кривичен суд Скопје објави дека го одобрил обвинението во целост и наскоро се очекува да започне судењето против обвинетите – 34 лица и три фирми.
На денешниот марш, родителите од пред судот во Кочани побараа од државниот обвинител Љупчо Коцевски да се презентираат доказите, да има одговорност за пропустите во обвинението и истото да се прошири кон други вмешани лица.
„Дали Вие и сите други носители на највисоки функции досега не се запрашавте дека од 16.03.2025 година повеќе немате функција? Вие имате мисија! Мисија дали оваа држава ќе постои или ќе ја снема“, рече Мита Тасева, мајка на починатиот диџеј Стефан Цеце Тасев.
Во пожарот кој настана во утринските часови на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 62 лица и над 200 беа повредени.
И Тасева и останатите родителите пред новинарите денеска порачаа дека тие се сведоци на пропусти и прикривања со обвинението наместо да гледаат вистина и целосна одговорност.
„Маршот за ангелите“ се одржува секоја сабота во Кочани откако се случи пожарот во ноќниот клуб.
Маршот заврши каде што и почна, во „Паркот на Револуцијата“. Тој започнува од „Паркот на револуцијата“, а дел од рутата по која се движат родителите и роднините се и полицијата, Основниот суд и Основното јавно обвинителство во Кочани.