До ФЗО пристигнале уште 15 претставки за сомнителни кардиолошки интервенции
Во Фондот за здравствено осигурување пристигнале 15 претставки од пациенти за сомнителни кардиохируршки интервенции, кои се препратени до Министерството за здравство за натамошно постапување. Ова денеска (3 октомври) го соопшти генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски кој рече дека пет од претставките се индивидуални, а десет се поднесени од установа.
Според него, досега се пристигнати вкупно 25 претставки од пациенти за сомнителни кардиолошки интервенции.
„Претставките опфаќаат различни периоди, најстарата е за нешто што се случило во 2010 година“, рече тој.
Клековски додаде дека во основа, има три категории поплаки, односно претставки: „едната е каде можно е да им е направена интервенција на пациенти, а немало потреба од тоа, втората е каде на пациенти требало да им се направи, а не им е направено тоа што требало да се направи, и третата се однесува на пациенти кај кои од тоа што е направено нема да има помош. Во смисла интервенциите кои се направени кај пациенти кои можеби се во терминална фаза нема да водат кон подобрување на нивната здравствена состојба или кон продолжување на животниот век“.
Директорот на Фондот, додаде дека тоа може да го спореди со „давање скапи онколошки лекови на терминално болни пациенти, каде единствено палијативна нега е потребна во моментот“
Апелираше и дека не треба да се очекуваат брзи резултати и не е пожелно да има брзо резултати, бидејќи тие би биле погрешни.
„Тука брзината е помалку важна од квалитетот на сработеното, бидејќи мора да бидеме сигурни во тоа што ќе постапиме и доколку има сериозни грешки тоа треба да заврши со кривични пријави, да биде еден процес на барање и преземање одговорност, а ние како здравствени власти да извлечеме поука како да го промениме системот од контрола на квантитет кој контрола на квалитет на сработеното“, потенцира Клековски.
Извештајот пак, кој претходно го објави ФЗО, а кој се однесува на ланската година, покажува дека Фондот обезбедил над 16 милиони евра (вкупно 16.747.967 евра) за кардиоваскуларни интервенции во двете приватни клинички болници „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“.
Станува збор за интервенции што осигурениците имаат право да ги направат во приватните болници, а не плаќаат речиси ништо, исто како да ги направиле на државно. Ги плаќа Фондот преку таканаречените договорни надоместоци кои ги дава и за приватни и за јавни здравствени установи.
За овие операции на срце и на крвни садови, Фондот има случено договори со четири болници - две приватни, „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“ и две државни, Клиника за кардиохирургија и Клиника за торакална и васкуларна хирургија.
Во минатите четири години до Фондот за здравство не стигнале претставки од пациенти за непотребни медицински интервенции.
„Сепак, немаме законска надлежност да ја оценуваме медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да вршиме инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи. Овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии што ги формира министерот за здравство“, соопштија од ФЗОМ.
Надлежност на Фондот е да следи дали има неправилности во користењето на парите од страна на болниците. По таа основа, Фондот за здравство соопшти дека по сопствен наод направиле девет контроли за приватно наплатени средства, но не откриваат кој бил исходот.