ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7
8
9
10
11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Недостигаат лекари во руралните места, од ФЗО најавуваат олеснување на критериумите и зголемување на капитацијата

0

Од 96 планирани матични лекари во руралните подрачја, функционираат само 44, алармира генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Тој ги повика младите доктори да дадат предлози за измени во правилникот кој ја регулира нивната работа за да се подобрат условите за отворање ординации во руралните места и да се поттикнат лекарите да работат како рурални матични лекари.

Добиените предлози ќе бидат разгледани од посебна комисиија задолжена за подготовка на измените и доколку тие се во согласност со законската регулатива, ќе бидат вградени во новиот правилник или ќе послужат како основа на измени на законската регулатива.

На 6 октомври министерот за здравство Азир Алиу ќе го објави пакетот од 12 закони за кои се планира во наредниот период да се направат нивни измени и дополнувања на законската регулатива.

Клековски вели дека тоа што Фондот може да го направи е да се олеснат критериумите и да се зголеми финансирањето.

„Ако треба друг тип промени тоа ќе мора да оди преку законски измени. Многу набрзо ќе мора да размислуваме за малите места кои не се дефинирани како рурални. Во Ресен има само тројца матични лекари. Демографската, возрасната структура на матичните лекари е исклучително лоша и за 10 до 15 години ќе имаме сериозна криза во покриеноста. Ако гледаме дека тоа ќе биде проблем за десеттина години, ние мора сега да дејствуваме, за да не се најдеме во ситуација на 30 до 40 километри да нема доктор достапен за населението“, предупреди Клековски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Клековски истакна дека имаат дотации кои не зависат од бројот на осигуреници и за руралните подрачја има посебно плаќање кое е независно од бројот на осигуреници.

Од ФЗО појаснуваат дека една од можностите е понатаму да го либерализаат тој дел, односно да ги зголемат дотациите независно, бидејќи главниот проблем на руралните подрачја е малиот број осигуреници што значи ниска капитација, односно ниски примања.

Недостигот на лекари е еден од многуте проблеми со кој се соочува здравствениот систем во државава. Покрај неисполнетоста на руралните амбуланти, последните статистики покажуваат дека од лани досега, вкупниот број на лекари во државата се намалил и тоа за 509, според бројот на активни лиценци во Лекарската комора.

Радио Слободна Европа неодамна пишуваше дека доктори специјалисти недостасуваат на речиси сите клиники во Скопје и во многу болници низ државата. Загрижува фактот што за една година има 125 лекари помалку од специјалностите што и онака, најмногу недостасуваат во болниците.