Четириесет проценти од младите до 18 години пушат
Четириесет проценти од младите што се до 18 години пушат, покажуваат податоците на тинк текнк организацијата Аналитика. Тамара Мијовиќ-Спасова од оваа организација алармира дека анализите покажуваат дека веќе на 13 годишна возраст, младите почнуваат да пушат.
„И штом толку мали ја почнуваат таа навика значи веќе многу е веројатно дека тие веќе и во нивниот подоцнежен период ќе станат пушачи. Четириесет проценти од младите што се до 18 години пушат. Бројките се алармантни. Треба да работиме на превенција на овие лоши навики, а не пак да имаат претстава дека новите производи што се нудат на пазарот, како електронските цигари, се некоја безбедна варијанта којашто нема да им пречи. А според новите студии не се така безбедна варијанта на цигарите“, рече Мијовиќ-Спасова во рамки на регионалната работилница „Јакнење на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“.
Mинистерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека превенцијата во рана возраст е клучна за одбегнување на злоупотребата на штетните материи како алкохол, цигари и дрога, а образованиот процес е најдобар начин за превенција и одбегнување на злоупотребата на штетните материи.
„Она што е навистина поразително е штетното влијание на здравјето. Тоа мора да го превенираме. Она што го правиме во образованието кое всушност е најдобар начин за превенција и одбегнување на злоупотребата на штетните материи е дека и во основното и во средното образование во различни предмети се присутни теми за здравствена писменост, и еве една новина во седмо одделение оваа година е воведен изборен предмет „Учам за моето здравје“, рече Јаневска.
Министерката истакна дека во новите законски решенија за основно и средно образование ги задолжиле училиштата да спроведуваат програми против дискриминација, против насилство, против малолетничка деликвенција, но и против злоупотреба на овие супстанции – тутунот, алкохолот и дрогата.
Од Аналитика тинк тенк истакнаа дека Северна Македонија се уште се рангира како земја со една од повисоките стапки на пушење. Оттаму велат дека е најважна соодветна реакција на цело општество, а најважно е едукацијата и превенцијата да почнуваат од рана возраст.
На работилницата учествуваат претставници од медиумите, истражувачите, институциите и меѓународните организации со цел да се поттикне посилна соработка и да се истакне важноста на мерките за контрола на тутунот засновани на докази, во согласност со приоритетите за интеграција во Европската Унија.