Ристески најави повеќекратно зголемување на казните за непочитување на Законот за нефер трговски практики
Има предлог, кој со сигурност ќе го прифатиме за повеќекратно да се зголемат казните, од сегашните 20 000 евра за непочитувањето на Законот за нефер трговски практики, најави заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.
„Предлогот е сегашната казна повеќекратно да се зголеми што и не е многу со оглед што станува збор за големи супермаркети и трговски компании во земјава. Инаку, ги охрабрувам компаниите од регионот, посебно за производство на храна, да пријавуваат законски прекршувања до Комисијата за заштита од конкуренција, изјави Ристески.
Ристески рече дека се фокусирани на инспекциските контроли за сузбивање на сивата економија, заштита на животниот стандард и стабилизирање и намалување на инфлацијата.
„Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државниот пазарен инспекторат постојано се на терен. Секаде каде ќе бидат констатирани законските прекршувања, правните субјекти ќе бидат казнети. Мислам дека сме на добар пат да го направиме тоа. Гледам дека инфлацијата веќе се стабилизира, почнува и благо и да се намалува, посебно во поглед на основните прехранбени производи. Иако тоа не е доволно и сметаме дека во наредниот период со една таква добра политика ќе успееме повеќе да го заштитиме животниот стандард на граѓаните и инфлацијата да биде на едно стабилно, би рекол, европско ниво. Се фокусираме на инспекциските контроли и транспарентно објавување на цени“, вели Ристески.
Од ноември лани до септември годинава, Државниот пазарен инспекторат има направено 18.000 инспекциски надзори на ниво на Македонија и се изречени казни во вредност од околу 120 милиони денари платни налози за казни за непочитување на законските регулативи.
Во меѓувреме, се подготвува унифициран софтвер за трговците, кој Ристески најави дека ќе биде презентиран во наредниот период.
„Софтверот ќе биде унифициран и бесплатно даден на сите трговци за транспарентно објавување на цените. Граѓаните ќе може сами да си креираат пазарна кошничка“, изјави Ристески.