Косово отвори предистрага за инцидентите со пукање на границата со Црна Гора
Косовските власти започнале прелиминарна истрага за да ги идентификуваат можните сторители на инцидентите со пукање на границата со Црна Гора, за што црногорските власти испратија вербална нота до косовската амбасада во Подгорица, изјави на 30 септември за Радио Слободна Европа, портпаролот на заминувачката косовска влада, Перпарим Криезиу.
Црна Гора изјави дека постои сомневање дека пукањето дошло од територијата на Косово, во областа во близина на црногорскиот скијачки центар Хајла-Штедим, во близина на границата меѓу двете земји.
Првиот инцидент се случил во јули 2024 година, кога е забележано оштетување на кабината на скијачкиот центар, додека вториот инцидент се случил на 24 август оваа година, кога е забележано пукање во насока на објект на скијачкиот центар. Црногорските власти отворија случај и ги истражуваат овие случаи.
Криезиу рече дека државата Косово била информирана од црногорските власти за инцидентите преку дипломатски канали и дека косовската гранична полиција веднаш започнала патроли во областа на Штедим, но дека на таа локација не се пронајдени материјални докази што би ја потврдиле локацијата или околностите на инцидентот.
„Сепак, по наредба на Основното обвинителство во Пеќ, започната е прелиминарна истрага со цел да се идентификуваат можните сторители, потпирајќи се и на информации од локални извори“, изјави Криезиу.
Тој додаде дека безбедносните институции, имено косовската полиција, изразиле подготвеност да организираат состанок со црногорските гранични власти, со цел интензивирање на соработката, размена на оперативни информации и спречување на негативни појави по граничната линија.
Само оваа година, двете земји спроведоа 30 заеднички патроли во граничните области.
Фадил Гаши од косовската полиција за регионот Пеќ неодамна за Радио Слободна Европа изјави дека нема информации за безбедносни инциденти на границата со Црна Гора и дека регионалната полиција е повеќе ангажирана во „одржувањето на редот и јавниот мир“ отколку во меѓународните инциденти.
Црна Гора и Косово го потпишаа Договорот за демаркација во 2015 година. Црна Гора го ратификуваше истата година, додека косовското собрание го стори тоа три години подоцна.