ru24.pro
World News in Macedonian
Сентябрь
2025

ЕУ ги намали емисиите на штетни гасови, но потребни се повеќе напори за справување со климатските промени

0

Во последните пет години Европската Унија постигна значителен напредок во намалувањето на емисиите на стакленички гасови и загадувањето на воздухот, но сепак се потребни повеќе напори за справување со климатските промени и деградацијата на животната средина, се наведува во најновиот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за состојбата во ЕУ со емисиите на штетни гасови и загадувањето во изминативе пет години.

„Водните ресурси на Европа се под сериозен притисок. Проблеми со водата моментално има на 30 отсто од територијата на Европа и за 34 проценти од населението“, предупредува Извештајот.

Во документот на Европската агенција за животна средина се нагласува потребата од „климатско лидерство на ЕУ“ преку континуирано намалување на емисиите на стакленички гасови и на употребата на фосилни горива, како и преку значително зголемување на користењето на енергија од обновливи извори и подобрување на енергетската ефикасност.

Според извештајот, од 1990 година, па до сега, ЕУ ги намалила своите емисии на стакленички гасови за 37 отсто, а добар напредок е постигнат и во подобрување на квалитетот на воздухот, рециклирањето на отпадот, иновациите, зелените работни места и одржливото финансирање.

„Политиките на ЕУ за подобрување на квалитетот на воздухот резултираа со намалување на бројот на предвремените смртни случаи како резултат последици од вдишувањето ПМ честички од 2005 до 2022 година за 45 отсто“, пишува меѓудругото, во Извештајот.

Во документот, со кој се опфатени 38 земји, се нагласува и потребата од активности за продолжување на обновата на природата на Европа, заштитата на биолошкиот диверзитет и намалувањето на загадувањето, бидејќи „целокупната состојба на животната средина во Европа има потреба од понатамошно подобрување“.