Мицкоски: Највисок патриотски чин е многудетно семејство
Формирањето семејство, формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, без разлика на етничката припадност, на верската припадност, изјави на 30 септември премиерот Христијан Мицкоски на настанот за демографски трендови којшто се одржа во Владата.
„ Многудетното семејство значи иднина. Ако сакаме да имаме иднина, ако сакаме да имаме држава - тогаш семејството е одговорот на овој предизвик“ изјави Мицкоски.
Станува збор за петгодишна програма којашто ќе ја спроведуваат Владата и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), за демографската рецесија којашто ги мачи повеќето земји во светот.
„Според последниот попис сме нешто над 1,8 милиони жители. Имаме над 700.000 редовно вработени и околу 350.000 пензионери. Реално присутно население според сите проценки не надминува 1,5 милиони. Можеби ова во следните 10-15 години ќе биде предизвик, но не со таа брзина ќе го почуствуваме сите. За 20 до 25 години тоа што ќе им го оставиме на тие генерации по нас ќе биде сериозен предизвик. Зошто? Зашто тогаш се плашам дека ќе бидеме држава со под еден милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер, еден вработен. Тоа значи колапс за пензискиот фонд, тоа значи колапс за здравствениот фонд“, изјави премиерот.
Според статистичките податоци кои ги презентираше на настанот премиерот, во 1950 година во Македонија имало над 50.000 новородени бебиња, додека во 2024 година имаме само околу 16.000 новородени бебиња.
„Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат, како сакаат нека ме нарекуваат, но ова мора да биде прв приоритет на оваа Влада и на сите следни влади, а тоа се многудетните семејства“, додаде тој.
Овој пад, според него, има две главни причини: прво, иселувањето на младите луѓе и второ, намалениот наталитет и фертилитет.
Од 2008 година, Владата на поранешниот премиер Никола Груевски преку серија законски измени почна да спроведува политики за зголемување на наталитетот. Неколку години во земјава, додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, имаше додаток за трето дете. Со доаѓањето на СДСМ на власт оваа мерка беше укината, оти како што велеа, не дала резултат за да се зголеми наталитетот. Наместо тоа, беше овозможен родителски додаток за трето дете.
Наталитетот е негативен во цела ЕУ и проблемот се решава на различни начини.