Мрежата за заштита од дискриминација бара независно лице за Народен правобранител
Мрежата за заштита од дискриминација бара Собранието да избере стручно и независно лице, кое ќе работи во интерес на граѓаните и ќе обезбеди ефикасна заштита на нивните права, на функцијата Народен правобранител.
Собранието распиша оглас за избор на нов Народен правобранител, а огласот трае до 26 јули.
„Потребна е силна, независна и непристрасна институција Народен правобранител – не само за унапредување на правата на граѓаните, туку и за исполнување на клучните европски стандарди во владеењето на правото“, посочуваат од Мрежата, повикувајќи се на препораките од Агенцијата за темелни права на ЕУ и на Европската комисија.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши на 17 јули соопшти дека на 12 јули 2025 година му престанала функцијата Народен правобранител на Насер Зибери, поради исполнување на условите за старосна пензија.
Претходно, народниот правобранител Зибери обвини дека Собранието го прекршило Законот за народен правобранител, бидејќи не распишало оглас за нов мандатар во предвидениот рок, односно најдоцна три месеци пред истекот на мандатот. Токму поради тоа, оваа институција сега останува без Омбудсман.
Сега од Мрежата за заштита од дискриминација потсетуваат дека транспарентноста на процесот и назначувањето врз основа на заслуги се клучни за легитимитетот и функционалноста на оваа институција. Потсетуваат дека изборот на партиски кадар ќе претставува директно нарушување на уставната определба за независност на Народниот правобранител.
„Апелираме до сите пратеници и парламентарни партии да се воздржат од партиски договори и притисоци и да спроведат транспарентен, инклузивен и фер процес. Ова не смее да биде уште една институција во која ќе се вработуваат партиски кадри“, порачуваат од Мрежата.
Тие уште еднаш ги повикаа политичките партии да поддржат непартиски кандидат и да покажат вистинска грижа за заштитата на граѓанските права.
Мандатот на Зибери започна во јануари 2021-ва и завршува по 4 и пол години, иако според законот треба да трае 8 години. На изборите 2020-тата, ДУИ го промовираше како кандидат за премиер -Албанец, а тогашната опозициска партија од албанскиот блок поради тоа го оспоруваше неговиот избор за Омбудсман.