ru24.pro
World News in Macedonian
Июль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24
25
26
27
28
29
30
31

Герапетритис: Атина го поддржува Скопје на европскиот пат, важна е целосна имплементација на договорот од Преспа

0

„Длабоко верувам во потенцијалот на нашите односи. Во силата на дипломатијата заснована на почит и во нашата заедничка способност да изградиме иднина што ќе биде функционална. Не само денес, туку и за генерациите што доаѓаат“, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по средбата со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис во Атина и порача дека „меѓусебното почитување е основата врз која се гради трајна соработка“.

На средбата на шефовите на двете дипломатии во фокусот беа билатералните односи, соработката во повеќе области и европската перспектива на регионот.

Герапетритис потсети на поддршката на Грција за членството на Северна Македонија во НАТО во 2020 година и изрази желба за унапредување на соработката во рамките на Алијансата.

Тој се осврна и на Солунската агенда од 2003 година за забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, при тоа уште еднаш изразувајќи ја грчката поддршка за ЕУ перспективата на нашата земја и на регионот.

„Сакам повторно да ја истакнам поддршката на Грција за напредокот на Северна Македонија по европскиот пат, врз основа на утврдените услови и начелото на сопствени заслуги, со особено внимание на основните критериуми. Во овој контекст, дозволете ми да ја подвлечам крајната важност од целосна, доследна и со добра волја имплементација на договорот од Преспа, вклучително и ерга омнес употребата на уставното име на државата“, рече Герапетритис.

Муцунски во обраќањето рече дека на средбата била истакната важноста на меѓународното јавно право и обврските што двете земји ги имаат преземено и во тој контекст наведе дека меѓусебната почит е основа за градење на трајна соработка и оти длабоко и искрено верува во „нашите односи и во силата на дипломатијата засновани на почит“.

„Изразив благодарност за доследната поддршка што Грција ја дава за нашиот европски пат и за нејзината постојана улога како застапник на европската иднина на Западен Балкан. Тоа партнерство не само што го цениме, го гледаме како суштинско“, рече Муцунски.

Тој рече дека со грчкиот колега се осврнале и на „напредокот што носи реални резултати за нашите граѓани“. Тоа се инвестиции, трговија, инфраструктура, енергија, при што разговарале и за проекти како што се Коридорот 10 и интерконекторот за гас.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти и дека Муцунски изразил искрена благодарност за солидарноста што Грција ја покажа за време на трагедијата во Кочани на 16 март при што загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени, како и при неодамнешните итни состојби во близина на Дојран.

Министерот оценил дека тоа не се само гестови на помош – туку вистински дела на пријателство, соопшти МНР.

Ова беше прва работна посета на македонскиот шеф на дипломатијата на Атина.

Претходно, Герапетритис и Муцунски се сретнаа и на почетокот на април годинава на маргините на „Делфи економскиот форум“ во Грција.

Северна Македонија и Грција, имаа речиси тридецински спор околу старото уставно име на државата – Република Македонија, кој беше надминат со потпишување на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018 година кога со двете држави раководеа владите предводени од тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас.

По шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор, уставното име на Северна Македонија се врати во фокусот на надворешната политика на земјава откако ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на парламентарните и претседателските избори на 8 мај 2024 година.

По изборите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и сегашен премиер, Христијан Мицкоски, најави дека ќе го следи патот на новата претседателка на државата, Гордана Сиљановска Давкова, која во својата заклетва го користеше само името „Македонија“ и јасно порача дека не се откажува од тоа во јавните настапи бидејќи е нејзино лично право на самоопределување.

Преспанскиот договор го потпишаа поранешните влади во Северна Македонија и Грција предводени од тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас. Потписите ги ставија ексминистрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. Откако државата го реши речиси тридеценискиот спор околу името, официјална Атина го тргна ветото на евроатлантскиот пат на земјата. Државата го промени уставното име додавајќи ја придавката „Северна“ и стана членка на НАТО во 2020, но истата година вето за отпочнување преговори со ЕУ стави Бугарија.

Потоа, договор беше постигнат во 2022 година со усвојување на т.н. „француски предлог“ со кој се предвиде Скопје да ги продолжи евроинтеграциите откако во преамбулата од Уставот ќе ја вметне и бугарската заедница.

Уставните измени не се случија, а Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ бара гаранции дека нема да има нови условувања во иднина од бугарска страна и нема да се оспорува македонскиот идентитет и јазик.