ЦУК: Шест пожари се активни, а пет под контрола
Вкупно 38 пожари на отворен простор се евидентирани изминатото деноноќие. Под контрола се пет, активни се шест, а изгаснати се 27 пожари, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни се пожарите во село Нивичино, Мал Готен и Малешевските планини во општините Василево, Радовиш и Берово.
Во Општина Македонски Брод, во селото Грешница гори мешана шума и сува трева, помеѓу селата Локвица и Крапа гори деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација во село Латово, кај месност Маркова Стапалка горат грмушки и сува трева.
Во Општина Прилеп активни се пожарите во село Штавица кон селата Чумово, Волково и Прилепец, а во Општина Желино пожар има помеѓу селата Церово и Групчин.
Под контрола се пожарите во Општина Ресен, Општина Дојран, Општина Велес, Општина Гостивар и во Општина Прилеп, велат од ЦУК.