ru24.pro
World News in Macedonian
Июль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23
24
25
26
27
28
29
30
31

ДКСК: Собранието е единствената институција која може да ја разреши претседателката Димитровска

0

Oдлуката за престанок на функцијата и разрешувањето на претседателката Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и фалсификување на испитот за добивање безбедносен сертификат е во надлежност на Собранието согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, се наведува во денешното соопштение на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Од Комисијата напоменуваат дека поднесување оставка како морален чин е одлука и право на самата претседателка на Антикорупциска.

„Имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална одговорност, Државната комисија работи и ќе продолжи да работи и да ги извршува своите надлежности пропишани со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, велат од ДКСК.

Од институцијата информираат дека претседателката на ДКСК согласно изречените мерки од надлежниот суд, во изминатиот период не доаѓа на работа.

На 18 јули, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе обвинителен предлог против претседателката Татјана Димитровска, која се сомничи дека во периодот од мај до декември 2024 година, на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ му сторила достапни податоци кои се сметаат за службена тајна. Воедно, на Димитровска ѝ се става на товар и дека незаконски го добила сертификатот за класифицирани информации.

Гаши: За разрешување на Димитровска, потребна е правосилна судска пресуда

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека треба да има правосилна судска пресуда за да се почне постапка во законодавниот дом за одземање на мандатот на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска,

Потренцира дека собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата треба да одлучува за ова прашање.

„Треба да има правосилна судска пресуда. Процедурата е пропишана во Деловникот и за тоа ќе одлучува Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Значи, ако има било каква постапка, треба да се отпочне од таа Комисија. И ако тие одлучат можат да донесат каква било одлука. За разрешување, тие треба да донесат одлука, па тоа да се процесира на пленарна седница. Што и да одлучи Комисијата, јас ќе го процесуирам во пленарна седница. Но, да, законот е јасен, зборува не за покренување на обвинение, туку за правосилна судска пресуда. Тоа е делот каде што пратениците треба да размислат. Законски услови се уште нема, но делот на угледот, дали може некој да го води тоа тело а има покренато обвинение, тоа повеќе е работа на етика и углед, достоинственост на водење на таа институција“, рече Гаши.

Претседателот на Собранието нагласи дека претседателката на ДКСК досега до законодавниот дом нема доставено оставка. Потенцира дека иницијатива за разрешување на Димитровска треба да доаѓа од пратениците.

„Според мене, законските услови не се исполнети. Тие тоа не можат вон закон да го направат. Тие сепак ќе треба да одлучат. Таа Комисија има пратеник кој ја води, има правилник за работа. И особено кога избираат вакви важни претседатели на битни комисии, сигурно имало прилика порано како се одлучувало. Гледам дека и во јавноста има резервираност. Не е баш лесно да се влезе во тоа, затоа што некој административно тоа да го оспори, па да оди на Управен суд итн. Внимателни се во тој дел. Да се делува, а да не се направи штета“, рече Гаши.

Димитровска уште во текот на истрагата објави дека нема намера да се повлече од фунцијата, бидејќи смета дека без судска пресуда, секој е невин.

По предлог на Обвинителството, таа веќе неколку месеци има забрана да постапува во предмети на ДКСК, не смее да прима пошта, а судот и го одзема и пасошот.