Три месеци затвор за обвинетиот за убиство на кучето Феликс
Основниот кривичен суд во Скопје ги прогласи за виновни Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски за убиство на кучето Феликс, кое почина на 7 јануари 2025 година од последици на нанесените повреди.
Според обвинителниот акт, на 19 ноември 2024 година, Крстевски, користејќи тврд предмет налик на стап, во повеќе наврати го удрил Феликс во пределот на главата без оправдана причина, нанесувајќи му потрес на мозокот и хематоми. Заедно со Билбиловски, го врзале кучето со жица и го влечеле до контејнер, каде што го фрлиле, верувајќи дека е мртво.
Судот го осуди Крстевски на три месеци затвор, а Билбиловски доби парична казна од сто дневни глоби, со вредност од 10 евра по глоба, во вкупен износ од 1000 евра.
Делото е квалификувано според член 233 став 1 од Кривичниот законик, кој предвидува парична казна или затвор до три години за оној што ќе усмрти животно без причина или ќе го изложи на непотребни маки и болки.
Ова е прва пресуда со затворска казна за овој вид кривично дело.