ru24.pro
World News in Macedonian
Июль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Османи: Србија постојано се обидува да го дестабилизира Косово

0
Косовската претседателка Вјоса Османи ја обвини Србија дека дејствува како продолжена рака на руските напори за дестабилизација на Западен Балкан, но не ја повтори својата претходна изјава за наводната улога на американскиот претседател Доналд Трамп во спречувањето на ескалацијата на ситуацијата од Србија на Косово.
Зборувајќи во Рига, денеска (15 јули, заедно со летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс, Османи ја отфрли идејата за „тензии“ меѓу Косово и Србија, претставувајќи ја ситуацијата како агресија од едната страна и самоодбрана од другата.
„Не би го нарекла тоа тензии меѓу Косово и Србија, бидејќи се обидуваме да не паднеме во замката на изедначување на двете страни“, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање за улогата на Русија во тензиите и ескалациите меѓу Косово и Србија.
„Никогаш не смееме да ги ставаме агресорот и жртвата во ист кош. Србија постојано се обидува да ја дестабилизира нашата земја, вклучително и преку акти на агресија, додека ние постојано се браниме“, рече Османи.
„Никогаш не сме окупирале ниту нападнале ниту еден сантиметар од територијата на кој било сосед. Она што отсекогаш сме го правеле – и што ќе продолжиме да го правиме – е да ја браниме нашата независност, нашиот територијален интегритет, мирот и слободата, кои беа тешко стекнати“, додаде таа.
Османи во последните денови неколку пати зборуваше за можна ескалација на ситуацијата од страна на Србија.
Таа на предавање во Вашингтон на 10 јули изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп неодамна спречил можна ескалација на ситуацијата меѓу Србија и Косово.
Неведе дека има „доверливи информации“ дека ова е „многу, многу скорешен развој на настаните“.


Изјавата предизвика критики од Ричард Гренел, пратеникот на Трамп за специјални мисии.
Тој ја обвини Османи за „манипулирање“ со зборовите на Трамп.
„Доналд Трамп е номиниран за Нобелова награда за мир за неговата работа на мирот и економска нормализација меѓу Косово и Србија во 2019 и 2020 година, преку потпишувањето на Вашингтонскиот договор во Белата куќа на Трамп“, вели Гренел во објава на X.
Тој додаде дека Османи „не била дел од тој договор“ и дека е „апсурдно да се преправа дека има нешто ново“.
Радио Слободна Европа (РСЕ) контактираше со Белата куќа за дополнително појаснување, но не доби одговор.
Ниту косовската влада ниту Министерството за внатрешни работи не одговорија на прашањата на РСЕ за тоа на каква ескалација мислеше Османи.
Вршителот на должноста министер за внатрешни работи Џељал Свечља накратко изјави на 15 јули: „Исклучително сме благодарни за поддршката на Соединетите Американски Држави низ целата историја на Република Косово“.


Последната голема ескалација во северот на Косово – област со мнозинско српско население – се случи во септември 2023 година, кога група вооружени Срби, предводени од Милан Радоичиќ, ја нападнаа косовската полиција во Бањска, убивајќи еден полицаец.
Приштина го окарактеризира нападот како терористички чин оркестриран од Србија – обвинение што Белград го негираше.
По коментарите на Гренел, тимот на претседателката Османи објави дека таа ќе одржи прес-конференција по враќањето од нејзиното официјално патување.

Зборувајќи во Рига, Османи исто така изјави дека руското влијание во Косово е „нула“.

„За жал, не можам да кажам истото за нашата соседна земја, бидејќи Србија се претвори во држава под руско влијание - без разлика дали е политичко, економско или воено. Преку ова влијание во Србија, Русија се обидува да предизвика дестабилизирачки последици во поширокиот регион, бидејќи колку е понестабилна Европа, толку повеќе одговара на интересите на Русија“, рече Османи.

Таа нагласи дека Косово ќе соработува тесно со своите партнери од Европската Унија и НАТО преку мерки за одвраќање и превенција, со цел да се спречи каква било дестабилизирачка тактика од страна на Русија, имплементирана преку Србија, да вроди со плод.