ru24.pro
World News in Macedonian
Июль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Радев:Северна Македонија сама се блокира на патот кон ЕУ

0

Северна Македонија сама се блокира на патот кон ЕвропскатаУнија со тоа што не сака да ги исполни критериумите за членство. Ова во Загреб го изјави бугарскиот претседател Румен Радев на заедничката прес конференција со неговиот домаќин и колега Зоран Милановиќ, јавува бугарската новинска агенција БТА.

Радев е категоричен дека Бугарија не е пречка на македонскиот евроинтегративен пат затоа што не поставува никакви нови услови освен оние што веќе се договорени.

„Инсистираме да се почитува сè што е договорено“, вели тој.

Бугарскиот претседател додаде дека Бугарија нема да се откаже од заштитата на правата на Бугарите кои живеат на македонска територија.

„Сè уште чекаме Република Северна Македонија да исполни еден јасно напишан услов што би ја отворил вратата за почеток на преговорите. А тоа е гарантирање на рамноправноста на Бугарите во оваа земја преку нивно вклучување во уставот заедно со другите народи што ја формираат држава“, изјави Радев, а пренесе Бугарското национално радио.

Според него, постои јасен консензус, усвоен во јули 2022 година, и од бугарската и од Владата на РСМ, како и од сите земји членки на ЕУ.

Тој ја истакна важноста на одлуката на бугарскиот парламент поврзана со напредокот на Северна Македонија, како и писмото до раководителите на европските институции и земјите-членки на ЕУ што го испрати кон крајот на јуни.

На 11 јуни македонското министерство за надворешни работи и надворешна трговија упати дипломатски протест до официјална Софија поради, како што се вели, навредливите изјави на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев.

Повод беше јавниот настап на Георгиев на бугарската телевизија БТВ, каде што тој го нарече премиерот Христијан Мицкоски „северномакедонски премиер“ и порача дека Северна Македонија треба да има предвид дека Бугарија веќе е фактор во ЕУ и регионот.

Од македонското МНР порачаа дека изјавите со кои се користи навредлив речник и се омаловажуваат претставници на една суверена држава претставуваат директно кршење на меѓународните дипломатски стандарди и не придонесуваат за градење на добрососедски односи.

По тоа следуваше и изјавата на Мицкоски рече дека на Георгиев му дале задача да се задева исто како „глушецот со лавот“.

Бугарскиот премиер Росен Жељазков го повика својот македонски колега Христијан Мицкоски да најде начин и да ѝ се извини на Бугарија за изјавата со лавот и глушецот.

Ваквите тензични дипломатски тонови следуваат по минатонеделниото изгласување на извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година во Европарламентот. На седницата беа изгласани Дел од заедничките амандмани предложени од европратениците Анджеј Халицки во име на Европската народна партија (ЕПП), Кетлин Ван Бремпт во име на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократиите (СД) и Дан Барна во име на либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ), се однесуваа на бришење на формулацијата „македонски јазик и идентитет“ од документот.

Односите меѓу двете соседски земји во последните години се затегнати. Бугарија во ноември 2020 година стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.

Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.

По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.

Меѓутоа, владата во Скопје, која беше формирана по изборите во мај 2024 и ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, бара гаранции дека во иднина нема да има други условувања од бугарска страна. Меѓу предлозите кои се прифатливи за неа и беа лиферувани во јавноста се и уставни измени со одложено дејство – да се изгласаат сега, но да важат од членството на земјата во ЕУ предводена од ВМРО-ДПМНЕ по изборите.

Бугарија, пак, беше во политичка криза – за четири години одржа седум парламентарни избори бидејќи ниту една партија не можеше да формира влада. Во јануари годинава, во Софија конечно се формираше политичка влада, меѓутоа и нејзините ставови се дека не е можно репреговарање на договорените услови за евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија.