Мицкоски: Преговорите со коалициските партнери се одвиваат во одлична насока
Преговорите со коалициските партнери се во тек и се движат во одлична насока, изјави премиерот Христијан Мицкоски по денешниот настан во Царинската управа, одговорајќи на новинарско прашање до каде се преговорите со ЗНАМ и можноста за заеднички кандидати во некои општини на претстојните локални избори.
„Преговорите со политичките партии се во тек. Сите политички партии кои се дел од нашата внатрешна коалиција се приоритет и тие се во тек, се разговара. Очекувам коалицијата да биде потврдена, а потоа ќе продолжат преговорите со владините партнери. Во овој момент мислам дека се движат во одлична насока“, рече Мицкоски.
Прашан дали се водат преговори за заеднички кандидати во Центар и Куманово, тој одговори дека кога ќе има повеќе детали ќе излезат во јавноста со информација.
Инаку за повеќе од половина општини во земјава, познат е барем по еден кандидат за локалните избори. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заедно објавија 70 имиња.
Партиите на власт ќе соработуваат во некои општини.
Првиот круг од гласањето веројатно ќе се одржи на 19 октомври, како што најави премиерот Христијан Мицкоски. Неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ досега објави најмногу кандидати – 40. Потоа, опозициската СДСМ – 30, а по еден кандидат потврдија и ЗНАМ и крилото на Арбен Таравари од Алијанса за Албанците.
Дополнително, уште двајца независни кандидати официјално најавија кандидатури. Тоа се в.д. градоначалникот, кој беше независен советник, Венко Крстевски за Кочани и бизнисменот Менди Ќура кој ќе се бори за градоначалничката функција во Струга.