ru24.pro
World News in Macedonian
Июль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

ЕУ ги одложува одмаздничките царини кон САД со надеж за договор до 1 август

0

Европската Унија ќе ги суспендира одмаздничките царини за американските стоки што требаше да стапат на сила во понеделник (14 јули), со надеж дека ќе се постигне трговски договор со администрацијата на Доналд Трамп до крајот на месецот, јави агенцијата АП.

„Сега е време за преговори“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред новинарите во Брисел денеска (13 јули), откако Трамп испрати писмо со кое најавува нови тарифи од 30 проценти за стоките од ЕУ и Мексико, почнувајќи од 1 август.

ЕУ, најголемиот трговски партнер на Америка и најголемиот трговски блок во светот, требаше да воведе „контрамерки“ на полноќ по бриселско време во понеделник. ЕУ преговара за трговски договори во име на своите 27 членки.

Фон дер Лајен рече дека контрамерките ќе бидат одложени до 1 август и дека писмото на Трамп покажува дека има време до 1 август за преговори. Европските лидери ги повикаа Трамп и фон дер Лајен да дадат повеќе време за преговори.

„Секогаш сме биле јасни дека претпочитаме решение по пат на преговори“, рече таа, но додаде дека доколку не е можен договор, ЕУ ќе продолжи да подготвува контрамерки за да биде целосно подготвена.

Стоејќи до индонезискиот претседател Прабово Субианто, фон дер Лајен рече дека трговските тензии со САД ја покажуваат важноста на „диверзификацијата на нашите трговски односи“.

Трамп рече дека неговите царини ќе ги постават темелите за оживување на американската економија, за која вели дека со децении била ограбувана од други земји. Во своето писмо до Европската Унија, Трамп рече дека трговскиот дефицит на САД е закана за националната безбедност.

Трговските партнери на САД се соочуваат со месеци неизвесност и повремени закани од Трамп за воведување царини, со повремено продолжување или менување на рокови.

Вредноста на трговијата меѓу ЕУ и САД со стоки и услуги изнесуваше 1,7 трилиони евра во 2024 година, или во просек 4,6 милијарди евра дневно, според податоците од агенцијата за статистика на ЕУ, Евростат. Најголемиот извоз на европските земји во САД, по вредност, вклучува фармацевтски производи, автомобили, авиони, хемикалии, медицински помагала, вино и жестоки пијалаци.

Министрите за трговија од земјите на ЕУ треба да се состанат во понеделник за да разговараат за трговските односи со САД, како и со Кина.

Економскиот советник на Белата куќа, Кевин Хасет, како што пренесува Ројтерс, денеска изјави дека Трамп видел некои понуди за трговски договори, но дека смета дека тие мора да бидат подобри, додавајќи дека американскиот претседател ќе продолжи да се заканува со царини за Мексико, Европската Унија и други земји доколку нивните понуди не се подобрат.

„Па, овие царини се реални ако претседателот не добие договор за кој смета дека е доволно добар“, изјави Хасет за телевизијата ABC доавајќи: „Но, знаете, разговорите се во тек и ќе видиме каде ќе се смири ситуацијата“.