Тага и молк на протестот во Кочани, концертите откажани
Во Кочани овој Петровден, инаку патрон празник на градот, наместо да се пее и празнува, се молчи и се тагува.
Свежи се сеќавањата на ужасната трагедија во кочанската дискотека Пулс која на 16 март зема 62 животи, а во која беа повредени околу 200 луѓе.
На комеморација во салата на Центарот за култура „Бели мугри“, организирана од Општина Кочани со поддршка на Црвен крст, граѓаните оддадоа почит со минута молк.
Блиските на жртвите, облечени во црно, симболично, пуштија 62 бели балони кон небото.
Низ кочанските улици, пак, се одржа и четиринаесеттиот по ред „Марш за ангелите, организиран од граѓанското здружение „16 март 2025 – Кочани“, кое обединува околу 80 луѓе, претставници на 38 семејства на загинати во пожарот.
Маршот помина во молк и без официјално обраќање, како и секоја сабота по трагедијата.
Родителите на жртвите рекоа дека решиле да молчат додека не добијат одговор на нивните барања до Владата и до Обвинителството за финансиска и институционална помош, како и за аудио и видео снимање на судската постапка.
„Молчи Владата, молчиме и ние, ќе чекаме да видиме што ќе биде во понеделник. Во меѓувреме гледаме премногу напади и обвинувања кон нас на социјалните мрежи. Довербата кон институциите е минимална, само пет проценти, затоа што ни беше кажано дека случајот ќе се расчисти за два месеца, а веќе станаа четири и уште нема ништо. Веројатно ќе си играат со нас уште четири години“, рекоа родителите на маршот.
Музичко забавниот дел од програмата за одбележување на Петровден кој требаше да почне вчера (11 јули), синоќа беше откажан.
Ваквата одлука ја соопшти в.д. градоначалникот, Венко Крстевски за време на вчерашната средба со родителите на загинатите кои се собраа пред сцената во Паркот на Револуција, каде требаше да почнат музичките настапи.
Тие поставија фотографии од своите деца и запалија свеќи пред бината.
„Кога е идеалното време?“
Петар Младеновски, првиот човек на бендот Суперхикс кој требаше да настапи викендов во Кочани, пак, вели дека кога самиот тој доживеал загуба на близок, токму музиката, социјалниот живот и споделувањето на болката му помогнале да излезе од состојба на длабока тага и очај.
„Некои велат 'рано е за било какви настани, треба време!' Мој апсолутен став и мислење е дека не е така! Кога е идеалното време по ваква трагедија за градот да врати барем малку ЖИВОТ во себе? Постои ли 'идеално време' за враќање во живот по ваква невидена трагедија? Колку е тоа? 6 месеци? Година? 3? 5? Јас не се согласувам со ваквите размисли“, напиша Младеновски на социјалните мрежи.
Тој сепак додаде и дека не секој се рехабилитира на истиот начин, па некои тоа го прават во длабока тага, со молк, со плач, со жалење со години.
„Но изборот нека е на секој поединечно инаку ќе се удавиме во 'режим за тага' а Кочани за година, две , три ќе остане "град на духови"! Без млади луѓе и без никаква перспектива и живот“, истакна музичарот додавајќи дека поканата од градоначалникот ја прифатиле без двоумење и без надомест.
Лавина реакции од граѓани кои сметаат дека не е време за славење имаше и претходно, откако Општината ја објави програмата за празникот.
„Да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот“, стоеше во соопштението на в.д. градоначалникот Крстевски.
Здружението на граѓани „16 март 2025-Кочани“ го повика градоначалникот да покаже почит кон нивната болка.
„Таква манифестација со концерт е преуранета. Не поминаа ни шест месеци откако ни загинаа децата“, изјавија од Здружението за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Несреќата се случи во раните утрински часови на 16 март, во кочанската дискотека „Пулс“, по употреба на пиротехника на настап на групата „ДНК“. Истрагата утврди тешки дела против општата безбедност, затоа што објектот имал фалсификувана лиценца за работа што сопственикот ја добил со мито, иако не ги исполнувал минимално-техничките услови за Лиценца за вршење угостителска дејност. Во објектот во моментот на пожарот имало 650 посетители помеѓу кои најмалку 31 дете, соопшти Обвинителството.
Починатите во пожарот беа на возраст од 16 до 48 години. Најголем број беа на возраст на 24 и 26 години.