Трамп најави царини од 30 отсто за стоки од ЕУ и Мексико од 1 август
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе воведе царини од 30 проценти за стоки увезени од Мексико и Европската Унија почнувајќи од 1 август, откако неколку неделните преговори со клучните трговски партнери не резултираа со договор.
Овие мерки, кои означуваат ново заострување на трговската политика на Вашингтон, Трамп ги објави на социјалната мрежа Truth Social, јави Ројтерс.
Претходно, беа објавени дополнителни царини за Јапонија, Јужна Кореја, Канада и Бразил, вклучувајќи царини од 50 проценти за бакар.
Европската Унија се надеваше дека ќе постигне широк трговски договор со Америка, што би вклучувало укинување на царините за индустриски производи (договор нула-за-нула), но повеќе месечните преговори беа неуспешни.
Преговорите се дополнително комплицирани во самата Унија.
Додека Германија се залага за брз договор за заштита на индустријата, Франција и некои други членки предупредуваат дека ЕУ не смее да се согласи на договор што би бил исклучиво во интерес на Соединетите Американски Држави.
Враќањето на Трамп во Белата куќа беше обележано со низа нови трговски мерки кои веќе донесоа десетици милијарди долари месечно во буџетот на САД.
Според Министерството за финансии на САД, приходите од царина надминаа 100 милијарди долари во фискалната година што заклучно со јуни.
Во исто време, берзите реагираа негативно. Волстрит го заврши денот во минус во петокот (11 јули), поради растечката загриженост на инвеститорите за последиците што ваквите мерки би можеле да ги имаат врз глобалната економија.