ru24.pro
World News in Macedonian
Июль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Фон дер Лајен: Сребреница е меѓу најмрачните поглавја во колективната меморија на Европа

0

Некои историски настани фрлаат сенка што се пренесува со генерации - геноцидот во Сребреница е еден од нив, кој е меѓу најмрачните поглавја во колективната меморија на Европа, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по повод 30-годишнината од масакрот во Сребреница.

„Поминаа 30 години од овие злосторства. Денеска, сакам да им оддадам почит на повеќето од 8.300 бошњачки момчиња и мажи кои беа убиени и на оние кои се уште се водат како исчезнати. Бидејќи некои од последните жртви на Сребреница се погребани со достоинство, им оддавам почит и на мајките, сопругите и ќерките кои продолжуваат да тагуваат, носејќи ја тежината на загубата во текот на три децении“, се наведува во писмената изјава на Фон дер Лајен.

Според неа, должност на денешните генерации е да се сеќаваат и да ја зачуваат вистината за Сребреница, со цел идните поколенија точно да знаат што се случило.

„Тие мора да знаат дека во летото 1995 година, жртвите беа систематски погубени и закопани во масовни гробници во рамките на „безбедната зона“ на Сребреница, одредена од ОН. Град за кој веруваа дека ќе ги заштити во бруталната војна што ја уништуваше Босна и Херцеговина. Европската унија никогаш нема да заборави што се случи во овој град. Го признаваме нашето минато и ја признаваме нашата одговорност за тоа што не успеавме да го спречиме и запреме геноцидот“, додава Фон дер Лајен.

Таа нагласува дека ЕУ нема никогаш да дозволи менување на историјата и цврсто ги отфрла и осудува секое негирање, искривување или минимизирање на геноцидот во Сребреница, како и глорифицирањето на воените злосторници.

„Политичките лидери имаат голема одговорност во тој поглед, особено во Босна и Херцеговина и низ целиот Западен Балкан. Тие мора да бидат пример во признавањето на утврдените факти и искрено давање почит на жртвите и мора активно да работат на помирување преку соочување со корените на омразата што доведоа до овие злосторства. Ова е единствениот пат кон посветла и просперитетна иднина за следната генерација“, вели претседателката на Еврокомисијата.

Таа додава дека во исто време сака да им порача на луѓето на Босна и Херцеговина дека Европската Унија е со нив.

Во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари денеска (11 јули) се одбележува 30-годишнината од геноцидот врз Бошњаците извршен од српските сили во јули 1995 година. На комеморацијата ќе бидат погребани посмртните останки на седум жртви од Сребреница, пронајдени на различни локации, меѓу кои и две 19-годишни момчиња, најмладите меѓу денешните погребани.