Ќе куртули ли Охридскиот регион од Листата на светски наследства во опасност?
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО по трет пат ќе гласа за тоа дали Охридскиот Регион ќе се најде на Листата на светски наследства во опасност. Гласањето за ова прашање е предвидено за 10-ти јули, во рамките на 47-та сесија на Комитетот во Париз, која почна пред два дена.
Триесет и девет граѓански организации, од кои 17 македонски, како и една европска мрежа од 15 организации, доставија писмо со кое од Комитетот бараат да ја усвои нацрт одлуката за впишување на Охридскиот регион на оваа Листа.
Имајќи го предвид степенот на досегашната деструкција, итната потреба за реставрација на природните и културните вредности на подрачјето, екстремно загрижени поради сите се уште нереализирани (но усвоени/одобрени) планови и проекти и реалната опасност за неповратно губење на интегритетот и автентичноста, бараме Комитетот за светско наследство на својата 47 сесија во Париз, Франција, да го заштити и зачува Охридскиот Регион за сите идни генерации, со тоа што ќе ја усвои нацрт-одлуката за негово впишување во Листата на светски наследства во опасност, наведуваат организациите во писмото.
Обвинувања од опозицијата
Иако за Охридскиот регион претходно веќе два пати имаше ризик да се најде на оваа листа, опозициската СДСМ ја обвини власта дека „ја носи државата до нова национална срамота“.
-Наместо да го почитуваат уставниот и меѓународен долг да го заштитат Охрид, Мицкоски, неговите министри и неговиот градоначалник Пецаков, со одобрување или молк, го бетонираат крајбрежјето, го газат Студенчишкото Блато, и ги игнорираат сите предупредувања од меѓународните тела – реагираа од СДСМ.
Од партијата ја обвинија власта дека „ не само што не ја почитува стручната јавност и граѓаните, туку директно ја загрозува економијата, туризмот и иднината на целиот регион“.
Љутков: Негрижа во периодот од 2017 до 2024 година
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, сепак возврати дека оваа одлука е резултат на, како што рече, години негрижа, неодговорност и институционален распад во периодот од 2017 до 2024 година.
Тој рече дека актуелниот Извештај се однесува токму на овој период на владеење на СДСМ и ДУИ.
„И во тие седум години не само што не беше преземено речиси ништо од препораките на УНЕСКО, тие наместо заштита, гледавме игнорирање на експертски извештаи и системско разнебитување“, додаде Љутков на прес конференцијата на која се обрати денеска (8 јули).
Тој попладнево соопшти и дека Владата на денешната седница ја разгледала информацијата и ги задолжила сите членови на институциите кои присуствуваат моментално на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, преку координиран настап, заеднички да се поднесе амандман за да се повлече Нацрт одлуката.
Пропусти и на македонска и на албанска страна, нотира Комитетот
Инаку, Комитетот во својата нацрт одлука посочува дека „продолжува деградацијата на атрибутите што го поместија Охридскиот регион како заштитено наследство на УНЕСКО“ и се бара исполнување на забелешките на Реактивната мониторинг мисија од минатата година.
Во нацрт-верзијата на самата одлука и овојпат се нотираат слабостите за односот на државата, институциите, властите на национално и локално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно односно културно наследство.
Во документот освен Северна Македонија, се повикува и Албанија да работи на зајакнување на прекуграничниот дијалог, и на високо институционално и на оперативно ниво, за да се обезбеди ефективно и одржливо управување со регионот.
Во делот посветен на македонската страна, меѓу другото се изразува жалење што нема напредок во изготвувањето Стратешка еколошка проценка за утврдување на кумулативните влијанија врз извонредната универзална вредност на заштитеното подрачје.
При тоа, Комитетот ги повикува надлежните институции што поскоро да ја изготват проценката на сите кумулативни влијанија од инфраструктурните и развојните планови и други големи проекти врз регионот и истата да ја достават до Центарот за светско наследство за разгледување од консултативните тела.