Османи: За тајно гласање за избор на претседател на парламентот, потребна е согласност од пратениците
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска (4 јули) изјави дека тајно гласање за избор на претседател на парламентот е дозволено, но оти мора да постои согласност меѓу пратениците за таква процедура.
„Заклучокот на мојот правен тим, со кој се согласувам, е дека тајното гласање не е исклучено како можност. Сепак, за тоа е потребен консензус од пратениците. Тоа значи дека мора да постои одлука пред да се пристапи кон таков начин на гласање“, рече Османи по церемонијата на положување заклетва на 18 нови кадети на Косовските безбедносни сили.
Таа предупреди дека „ќе има последици“ доколку Собранието на Косово не биде конституирано во рокот што го определил Уставниот суд.
Уставниот суд во одлуката објавена на 26 јуни наведе дека Собранието мора да биде конституирано во рок од 30 дена, најдоцна до 26 јули.
Османи претходните денови одржа консултации со политичките партии во врска со блокадата на парламентот, а денеска изјави дека главните политички партии и понатаму имаат дијаметрално спротивни ставови за начинот на избор на претседател на Собранието на Косово.
„Мислам дека блокадата околу начинот на гласање е навистина многу нерационална“, рече Османи.
Таа ги повика лидерите на политичките партии до крајот на јули да најдат решение за блокадата во врска со конституирањето на новиот состав на Собранието на Косово.
Собранието на Косово не беше конституирано ниту по 41-от обид на 3 јули, бидејќи пратениците на неколку парламентарни партии не сакаа да го поддржат предлогот за тајно гласање за избор на претседател на тоа тело.
Инаку движењето „Самоопределување“ победи на парламентарните избори во Косово во февруари, но без конституирање на Собранието, процесот на формирање нова Влада не може да започне.