Спротивно на сугестиите на ЕУ, Собранието на РС расправа за воведување „помошни“ полициски сили
На Република Српска ѝ се потребни помошни полициски сили за борба против хуманитарните кризи и обезбедување на собири, бидејќи на Министерството за внатрешни работи на РС му недостасуваат над илјада полицајци, изјави Синиша Каран, министер за внатрешни работи на Република Српска, на седницата на Народното собрание.
На седницата во Бања Лука која се одржува дебнеска, 2 јули, Каран зборуваше за измените на Законот за полиција и внатрешни работи на РС, со кои се планира воведување на помошни полициски сили.
Откако беше најавено дека ќе се дискутира за овој закон, Делегацијата на Европската Унија во БиХ и Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) се изјаснија против него.
Исто така, Рамо Исак, министерот за внатрешни работи на вториот ентитет, Федерацијата на Босна и Херцеговина, изјави дека тие исто така ќе започнат постапка за формирање на резервни полициски сили.
„Праксата покажа дека активниот број на полицајци не е доволен. Од 2020 година до денес, само до пензионирање, 2000 полицајци го прекинале работниот однос“, рече Каран.
Тој истакна дека во моментов во Министерството за внатрешни работи на РС се вработени околу 5500 полицајци. Тој го спомена и проблемот со прекувремената работа.
„Во последните пет години се одржаа десетици илјади спортски настани, за кои полицајците работеа прекувремено, така што до денеска имаат акумулирано дури два милиони прекувремени часови“, рече тој.
Тој вели дека нема „скриени намери“ за донесување на овој закон, туку само да се формира помошна единица што би им помогнала на активните полициски сили, како и дека таа ќе биде ангажирана по потреба.
Во него се појаснува дека луѓето во помошните полициски сили ќе бидат избрани преку јавен конкурс, нивниот вкупен број нема да надминува 20% од редовните полициски сили, а овластувањата ќе бидат утврдени со подзаконски акт.
Додава дека негативните коментари за законот се „знак на непријателски став кон РС“ и дека нема ништо против формирањето помошни единици од страна на федералната и кантоналната полиција.
Во 2019 година, РС се обиде да формира резервна полициска сила, но таа ставка беше избришана од измените на Законот за полиција, а Жандармеријата беше формирана како посебна организациска единица во Полициската управа.
Босна и Херцеговина има вкупно 16 полициски агенции, од кои три работат на државно ниво, две на ентитетско ниво, десет во кантоните на Федерацијата на Босна и Херцеговина и независната полиција на округот Брчко.
Според податоците на Евростат од пред четири години, БиХ има за една третина повеќе полицајци од просекот во ЕУ.