ru24.pro
World News in Macedonian
Июль
2025
1 2 3 4
5
6
7
8
9
10
11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

ЕК предлага намалување на емисиите на стакленички гасови до 90 отсто до 2040

0

Европската комисија предложи измени на Законот за климата на ЕУ, со кои се поставува климатска цел за намалување на нето емисиите на стакленички гасови до 2040 година за 90 отсто во однос на нивото во 1990 година.

„Договорот за климатската цел од 90 отсто ни дава јасен светилник за насочување на нашите идни активности. Одговараме на барањата на Европејците кои цврсто ја поддржуваат климатска акција“, изјави извршната потпретседателка за чиста, праведна и конкурентна транзиција Тереза Рибера при презентацијата на измените.

Според неа, со измените ЕК останува решена да продолжи со своите климатски политики, кои, како што рече, се клучни за постигнување и на други цели на нејзината социјална и економска политика, како што се безбедноста и просперитетот на европските граѓани и компании.

Еврокомесарот за клима, нула нето емисии на штетни гасови и чист раст Вопке Хукстра изјави дека со целта за ниво на 90 отсто емисии, ЕК останува на курсот на чистата транзиција.

„Знаеме зошто го правиме тоа од економски, безбедносни и геополитички причини и имаме план како тоа да функционира“, рече Хукстра.

Според него, со измените на индустријата и земјите членки на ЕУ им се дава јасна насока и се поддржуваат нивните инвестициски планови, а воедно се осигурува и дека Европа цврсто останува на вистинскиот пат за да постигне климатска неутралност до 2050 година.

Според оценките на Комисијата, ваквите измени не само што ќе им дадат сигурност на инвеститорите, иновациите и бизнисите, туку и ќе ја зголемат енергетската безбедност на Европа. ЕК проценува и дека ЕУ е на добар пат да ја исполни целта за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година за 55 отсто од нивото во 1990 година.

Европскиот Закон за климата, кој стапи во сила во јули 2021 година, предвидува ЕУ да постигне климатска неутралност до 2050 година и намалување на нето емисиите на стакленички гасови до 2030 година за најмалку 55 проценти во споредба со нивото од 1990 година. Со предложените законски измени сега се поставува и нова цел за до 2040 година.

Измените на Законот сега ќе бидат доставени на разгледување до Европскиот парламент и Советот на ЕУ, кои, согласно вообичаената законодавна процедура, треба да договорат усогласен текст на предлогот и да го одобрат.