Над 40 проценти од младите не веруваат во брза интеграција на Македонија во ЕУ
Повеќе од 40 отсто од младите во земјава ја доживуваат Европската Унија позитивно, 24 проценти имаат негативен став за Унијата, додека нешто над една третина или речиси 35 проценти од младите се неутрални. Ова го покажуваат резултатите од онлајн анкета спроведена на крајот на јуни 2025 година со учество на над 1000 млади лица од земјава.
Истражувањето е дел од поширока анализа за ставовите на младите кон Европската Унија и се реализира во рамки на соработката меѓу Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП Скопје), Европскиот Центар за извонредност (ECE Брисел) и германската Фондација за слобода „Фридрих Науман“, а во соработка со македонската младинска платформа „Студентарија“.
Младите ја посочуваат корупцијата како најголема пречка за европската интеграција, односно 84,6 проценти од испитаниците ја избрале оваа опција. По неа следат билатералните спорови (61 процент) и ниската доверба во институциите (60 проценти).
Според анкетата, младите се изјасниле дека се доволно запознаени со вредностите и политиките на ЕУ. Оваа можност ја избрале 53 проценти, додека речиси ист број на млади испитаници рекле дека се многу (22 проценти) или, пак, малку (21.5 проценти) запознаени за ЕУ. Низок процент, односно само 3.5 проценти од младите рекле дека воопшто не се запознаени со вредностите и политиките на Унијата.
На прашањето која земја од Западен Балкан најверојатно ќе стане членка на ЕУ во следните пет години, младите од Северна Македонија најчесто го избираат одговорот дека тоа ќе биде Албанија, со над 53,2 проценти од гласовите, додека втора на листата е Црна Гора со 34,5 проценти. Следува Србија со 14,7 проценти, додека под 10 проценти се останатите земји од Западен Балкан.
Само 5 отсто од испитаниците во оваа онлајн анкета веруваат во македонската интеграција во ЕУ во следните 5 години.
На анкетата одговориле над 1000 млади луѓе од земјава од кои 81,5 процент се актуелни студенти на додипломски или постдипломски студии, а е спроведена во соработка со младинската платформа „Студентарија“ и претставува дел од тековен истражувачки процес кој ќе резултира со тематска публикација и конкретни препораки за идно дејствување на националните и ЕУ институциите, со цел правилно адресирање на евроскептицизмот меѓу младите луѓе во земјите-кандидати за членство во Европската Унија.