Препораки за заштита од горештините
Температурите денеска, 26 јуни се очекува да достигнат максимум од 41 степен Целзиусов, а УВ факторот да достигне 9, прогнозира Хидрометеоролошкиот завод. Жешкото време се очекува да продолжи и утре, со мало намалување на температурата на воздухот во текот на викендот.
Избегнување да се излегува на сонце, носење лесна облека, капа и очила за сонце, како и престој во климатизирани простории, се само дел од препораките на Институтот за јавно здравје. Граѓаните велат дека на овие високи температури брзо ги завршуваат обврските и се враќаат дома.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави препораки за заштита на лицата над 65 години во услови на високи температури. Оттаму нагласуваат дека оваа група на луѓе се посклони кон здравствени проблеми поврзани со топлината. Тие влегуваат во таканаречената „ризична категорија“ бидејќи потешко се прилагодуваат на температурните промени, имаат поголема веројатност да имаат хронична здравствена состојба, да користат редовна терапија што може или ги менува нормалните реакции на телото на топлина, појаснуваат од ИЈЗ.
Се апелира повозрасните да избегнуваат изложување на сонце, како и работа на отворено, во периодот од 11 до 17 часот. Да носат лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капа и крем со висок УВ фактор. Препораките се да се пие повеќе од вообичаено и да не се чека додека не се почувствува жед за вода. Алкохолните пијалаци да се избегнуваат, како и оние што содржат кофеин, но и екстремно ладните. Доколку лекарот им има поставено некои ограничувања за внес на течности, да се консултираат со него.
Се препорачува да се избегне користење шпорет, рерна и слични уреди од 11 до 17 часот.
Поради најавените високи температури до 27 јуни, Институтот за јавно здравје ги повика работодавачите и работниците на строго почитување на препораките за заштита при работа во услови на екстремна горештина. Меѓу другото се препорачува да се обезбеди вентилација и климатизација на работните простории и да се избегнува работа на отворено од 11 до 17 часот.
Се препорачува и воведување работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е можно, како и ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години доколку нема услови за прилагодување на работниот простор.
Меѓу мерките и препораките на Владата за овие вонредни временски услови е и дека градовите ќе имаат обврска да обезбедат климатизиран јавен превоз во текот на целиот ден.
Од 1 јули до 31 август, на државните сообраќајници во Македонија стапува на сила летниот режим на сообраќај, кој го ограничува движењето на тешки камиони со тежина поголема од 15 тони, во текот на викендите и во денови со исклучително високи температури.