Обвинителство: Двојно повеќе убиства во 2024
Обвинителството во извештајот за 2024 година регистрира зголемување на бројот на убиства и други кривични дела за околу 10 отсто во сппоредба со претходната година.
Зголемен бил обемот на работа на јавните обвинителства во текот на 2024 година, покажува Годишниот извештај за работата на обвинителствата. Во текот на 2024 година основните јавни обвинителства постапувале против вкупно 37.255 сторители од кои новопримени биле пријави против вкупно 25.909 сторители на кривични дела.
„Ако се има предвид континуираното намалување и на бројот на јавни обвинители и на бројот на јавнообвинителските службеници во изминатите години, кое продолжи и во текот на извештајната 2024 година, како и недоволниот обем на средства кои се доделуваат за истражните дејствија и за работата на обвинителствата кои се далеку под законски утврдениот минимум, јасно е дека ваквиот зголемен прилив на предмети во јавните обвинителства претставува дополнителен предизвик за капацитетите“, се констатира во Извештајот.
Зголемениот обем на работа и предмети по кои постапувале јавните обвинителства во 2024 година се согледува и преку општ раст на бројот на постапки за кривични дела во безбедноста на сообраќајот.
„Ова укажува на неопходноста од јакнење на казнената политика и другите мерки во насока на превенција на овој тип кривични дела“, заклучува Јавното обвинителство.
Согласно статистичките податоци од постапувањето на јавните обвинителства, во 2024 е забележано зголемување и на бројот на кривични пријави за дела убиства, тешки телесни повреди, учество во тепачки, загрозување со опасно орудие при тепачка и караница и други. Особено забележителен раст има во бројот на убиства квалификувани во потежок облик, каде бројот на пријави е речиси удвоен во однос на претходната 2023 година.
Јавното обвинителство информира дека изготвен е и посебен извештај за примената на посебните истражни мерки, каде има значителен тренд на намалување во однос на 2023 година (35 случаи во однос на ланските 87 случаи), меѓутоа податоците за опфатот на лица и предмети покажуваат дека овој вид мерки и натаму се користат како исклучително важно средство за обезбедување докази.
Во текот на извештајната година, под посебни истражни мерки биле вкупно 363 лица со утврден идентитет, осум лица со неутврден идентитет и 163 предмети на кривично дело. Вкрстувањето на податоците според бројот на случаи и бројот на опфатени лица и предмети недвосмислено укажува дека во извештајната 2024 година бил заземен посложен пристап за примена на посебните истражни мерки, со комбинирање на повеќе видови мерки во еден предмет и со опфат на повеќе лица и предмети со цел поефикасно обезбедување на доказите.
Јавниот обвинител го поднесува извештајот до Собранието , а за запознавање е доставен и до Владата , Врховниот суд и до Министерството за правда.