ru24.pro
World News in Macedonian
Июнь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26
27
28
29
30

Првите четири македонски банки влегоа во регистарот на СЕПА

0

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги регистрира првите четири македонски банки – три големи и една средна – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој чекор го означува официјалниот почеток на членството на Северна Македонија во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА).

Народната банка која ги координираше активностите за членство, претходно доби одобрение за членство од ЕПС на 6 март 2025 година, со што Северна Македонијастана дел од СЕПА. Ова им овозможува на домашните банки да се интегрираат во европските платежни шеми за трансакции во евра опфаќајќи 41 земја членка.

Првите четири банки ќе започнат со извршување на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година. Се очекува и преостанатите осум деловни банки, кои најавија поднесување барања помеѓу јуни и август, исто така да бидат впишани во регистарот на ЕПС и да почнат со работа во рамките на СЕПА до истиот датум.

Попристапен, поудобен и побезбеден метод за трансакции во евра, се зборовите со кои од Народната банка ги опишуваат придобивките што ќе ги имаат граѓаните од членството во СЕПА. Оттаму потенцираат и оти користа, пред сè, ќе биде во намалените трошоци за прекугранични плаќања, вклучително и за дознаките.

„Според анализата на Светска банка за економиите од Западен Балкан трошоците за значително ќе се намалат при што економиите би можеле да заштедат приближно половина милијарда евра“, велат од Народната банка за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Очекувањата се дека тоа ќе ја забрза и дигиталната трансформација на финансискиот сектор и ќе се намали зависноста од готовински трансакции.

Што е СЕПА?

СЕПА е иницијатива на ЕУ чија цел е да се поедностават и стандардизираат трансакциите и да има побрза, поевтина и посигурна уплата и исплата на евра меѓу земјите членки. Дел од неа се сите 27 членки на Унијата, како и Норвешка, Лихтенштајн, Швајцарија, Монако, Исланд, Сан Марино, Андора, Ватикан и Обединетото Кралство.

Членството во неа е еден од приоритетите дефинирани во Планот за раст за земјите од Западен Балкан. Народната банка апликацијата ја поднесе во јули 2024, а првиот можен датум за влез на банките од Западен Балкан, односно целосна подготвеност за интегрирање во СЕПА во пракса е октомври 2025.

Она што го истакнуваат и компаниите и Народната банка, е дека целиот процес ќе стави крај на користењето на кореспондентните банки.

„Приклучувањето кон СЕПА значи полесен пристап до платните системи во ЕУ, елиминирајќи ја потребата од сложени и скапи кореспондентни банкарски аранжмани. Ова поедноставување ќе доведе до поефикасни, исплатливи и побрзи прекугранични плаќања“, велат на Народната банка.

Сега, фирмите често за да платат фактура во друга земја, треба да користат банки и во трети земји.

Дополнително, членството во СЕПА значи и поголема финансиска интеграција на земјава во ЕУ и исполнување на една од целите на патот кон членство во Унијата.