МНР: Македонските граѓани да се воздржат од патувања кон земјите од Блискиот Исток
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вечерва апелираше до сите македонски граѓани кои се наоѓаат на териториите на земјите од Блискиот Исток да ги следат националните портали за итни случаи и да постапуваат согласно со упатствата на надлежните институции во овие земји. Апелот следува откако Иран денеска (23 јуни) соопшти дека ги нападнал американските сили стационирани во катарската воздухопловна база Ал Удеид.
Од Министерството апелираат и македонските граѓани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.
-Во врска со последните информации за влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток и затворањето на воздушните простори на повеќе држави од регионот, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски граѓани кои се наоѓаат на териториите на земјите од овој регион да ги следат националните портали за итни случаи и да постапуваат согласно со упатствата на надлежните институции во овие земји, велат од МНРиНТ.
Оттаму нагласуваат дека покрај претходниот повик до сите граѓани на Република Северна Македонија кои престојуваат во Израел да ја контактираат Амбасадата во Тел Авив, ги повикуваат и македонските државјани кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати, за сите потребни информации или прашања да се обратат до надлежните амбасади во Доха и Абу Даби.
Ќе се евакуира уште едно семејство од Израел
Претходно попладнево, Министерството информираше дека утре од Тел Авив ќе биде евакуирано уште едно семејство, мајка и три деца.
По минатонеделното безбедно враќање на осум македонски државјани од Израел во земјава, МНР соопшти дека за утре е потврдена евакуација на уште четири лица, мајка и три деца. Местата за нив се обезбедени преку израелското Министерството за транспорт, во рамки на организираните летови кои се користат за евакуација на странски државјани од Израел.
Летот е планиран од Тел Авив до Атина.
Согласно оваа, како и претходната евакуација реализирана со владин авион на 17 јуни, заклучно со 23 јуни, вкупниот број на заинтересирани македонски државјани за евакуација од Израел изнесува 25. Меѓутоа, не сите изразиле подготвеност тоа да го направат веднаш. Се очекува следните денови дополнителен број на наши државјани да добијат можност за евакуација од Израел.