ru24.pro
World News in Macedonian
Июнь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25
26
27
28
29
30

Вкупно 45 повредени од пожарот во „Пулс“ почнаа со рехабилитација на Пониква

0

Од викендов на двонеделна рехабилитација во одморалиштето на МВР на Пониква се наоѓа првата група од 45 повредени лица од пожарот во клубот „Пулс“.

Со нив работат лекари специјалисти од Клиниката за пластична хирургија од Скопје, како и физиотерапевти од Кочани и Штип, кои им овозможуваат соодветна медицинска нега и физиотерапевтска терапија.

„Престојот на повредените им годи. Превентивно носат долги ракави, заштитени се, не излегуваат преку ден на сончева светлина, а во вечерните часови се физички активни и ги користат опремените игралишта, со што некои постепено се враќаат на своите нормални спортски активности од претходно“, истакна Катерина Мирчовска, в.д. директорка на Општата болница во Кочани.

Таа додаде дека сите пациенти се вклучени во системот „Мој термин“ во рамки на проектот за рехабилитација на Пониква.

На Одделот за хирургија во болницата во Кочани пак, веќе се обезбедени услови за ПРП терапијата на повредените според списокот што е добиен од Клиниката за пластична хирургија. Терапијата ќе се спроведе в петок во соработка со специјалисти по пластична и реконструктивна хирургија од Универзитетската клиника „Св. Наум Охридски“ од Скопје.

„Во нашата болница ќе продолжи и физикалната терапија за 16 повредени, оваа недела ќе се реализира во втора смена, во адаптираните простории на хирургија“, рече д-р Мирчовска.

Пристигнаа повредените од „Пирогов“ во Софија

Таа информираше дека дополнително, пристигнале и повредените од болницата „Пирогов“ во Софија. Тие ќе се вклучат во терапијата во кочанската болница, затоа што сѐ уште ќе имаат обврски за прегледи во бугарската здравствена институција.

„Со оглед што реконструкцијата на просториите за физикална терапија оди според планот, очекуваме за три недели да почнат да се користат условите таму“, додаде Мирчовска.

Во втората група повредени кои ќе престојуваат на Пониква, освен оние на кои им е потребна физикална терапија, ќе бидат вклучени и лица со респираторна патологија на кои им завршило лекувањето.

Лекувањето за сите повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ е бесплатно, а одлуката одморалиштето на Пониква да стане рехабилитационен центар за нив, Владата ја донесе на 11 јуни.

Владината прес служба тогаш соопшти дека одморалиштето има 27 соби и 56 легла коишто му се ставаат на располагање на Министерството за здравство.

Неколку дена подоцна, ваквата одлука беше оспорена од опозицијата која реагираше дека се отвораат сериозни прашања околу „одговорноста и профеисоналноста на институциите“.

„Македонија располага со повеќе објекти наменети за долготрајна нега и рехабилитација: Јасеново, Отешево, Лешок, па дури и делови од постојните клиники и болници кои можеа да бидат пренаменети и опремени. Зошто ниту еден од овие капацитети не беше земен предвид? Зарем здравствениот систем не знае со што располага“ – праша на прес конференција д-р Елена Радевска, членка на Комисијата за здравство на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, ги оценија овие изјави како „паушални и злонамерни“.

„Врз основа на која проценка и кои факти проценија од СДС и Радевска дека одморалиштето Пониква се несоодветни за таа намена? Ставањето во употреба на одморалиштето беше проценка на стручен здравствен тим од лекари на министерството за здравство, а меѓу другото е и барање на самите пациенти“, возвратија од владеачката партија.

Пожарот кој избувна на 16 март годинава во дискотеката „Пулс“ во Кочани ги одзеде животите на 62 млади лица, а околу 200 беа повредени.