Пресудата за убиствата на Вања и Панче на 25 јуни
Велибор Манев е организатор, Боре Видевски извршителот, а Влатко Кешишев стражарот во убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Ова во својот завршен збор денеска го кажа Љупчо Палевски-Палчо, првообвинетиот за двете грозоморни убиства што се случија кон крајот на 2023 година. Со завршниот збор на Палевски заврши судењето за убиствата, а пресудата ќе биде изречена на 25 јуни.
Во својот завршен збор Палевски рече дека иако е обвинет за двете убиства, не постои трага, видео, доказ, сведок дека тој учествувал во ова злосторство.
Тој како доказ посвети внимание на фотографија од убиениот Панче најдена во телефонот на Манев, за која рече дека е направена 9 дена пред убиството на Жежовски.
„Овој круцијален доказ за тоа кој е организатор, судијата и ОЈО го заборавија. Нема прашање зошто Манев ја сликал жртвата и сликата ја пратил до Видевски. Кој обвинет следи и слика жртви? Обвинетиот Манев е организатор, кој пак вели дека јас сум организатор. Видевски и Кешишев кажаа дека не се под уцена од мене. Во времето кога Манев сликал, не бил под уцена. Заклучувам, дека со ќотек или не, факт е дека уште на 6.12.2023 година, Манев измислува дека јас сум зборувал со Вања. А на сивата лента кај Вања има негова ДНК“, кажа меѓу другото Палевски во судот.
Планот на Обвинителството, според него, бил за двете убиства да биде наместено друго лице, иако имало докази дека се извршени од три, а не четири лица.
„Основното јавно обвинителство не презентира докази, а медиумите го лажат народот по наредба на Обвинителството и на Гаврил Бубевски. Обвинителството функционира така што прима и послушно исполнува политички наредби.“, обвини Палевски.
Палевски кажа и дека нема никакви докази за комуникација со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, и дека тој бил измислен од Обвинителството како помагач во грабнувањето на девојчето. Во врска со барањето на Ѓорчевски да ја каже зошто е убиена Вања, Палевски рече дека одговорот на ова прашање треба да се бара преку Велес.
Попладнево службеник од Народната банка, кој е член на политичката партија „Десна“ предводена од Љупчо Палевски, беше приведен откако Велибор Манев, еден од обвинетите за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, го посочи како човекот на кој му го предал пиштолот што бил употребен при двојното убиство, со цел да биде уништен.
Станува збор за Зоран Д., технички службеник во Народната банка. Обвинителството потврди дека тој е приведен, но засега не е познато дали е пронајдено оружјето или е уништено, како што е посочено во сведочењето.
На денешното судење, Манев изјави дека по барање на Палевски, му го предал ранецот на сопартијецот што работи во банката и повтори дека не го познава таткото на Вања. Тој и натаму тврди дека признанието го дал под притисок и физичка принуда, а дополнително изјави дека Палевски имал двоен план.
Малолетната Вања од Скопје и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023, а на 2 декември истата година, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.
Судијата Ивица Стефановски, кој претседава со петчлениот судечки совет во овој предмет, по ова рече дека главната расправа е завршена.
Пресудата, како што соопшти тој, ќе биде изречена в среда на 25 јуни во 10 часот.