ru24.pro
World News in Macedonian
Июнь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21
22
23
24
25
26
27
28
29
30

Путин и Си разговарале за ситуацијата на Блискиот Исток

0

Претседателите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин, разговарале телефонски за нестабилната ситуација на Блискиот Исток, објавија кинеските медиуми.

Путин го изложи ставот на Русија за ситуацијата на Блискиот Исток, наведувајќи дека израелскиот напад врз иранските нуклеарни објекти е „многу опасен“ и дека ескалацијата на конфликтот „не е во интерес на ниту една страна“, се вели во соопштението.

„Иранското нуклеарно прашање треба да се реши преку дијалог и преговори. Двете земји треба да ја обезбедат безбедноста на граѓаните на трети земји. Ситуацијата во регионот продолжува да се развива брзо, а Русија е подготвена да одржува тесна комуникација со Кина, со цел заеднички да придонесе за смирување на тензиите“, му рекол Путин на Си.

Си Џинпинг ги изложил принципите и ставот на Кина, наведувајќи дека ситуацијата на Блискиот Исток е „многу критична“ и дека ова „уште еднаш потврдува дека светот влегува во нов период на нестабилност“.

„Доколку конфликтот дополнително ескалира, не само што двете страни ќе претрпат големи загуби, туку и земјите во регионот ќе страдаат многу“, рече кинескиот лидер.

Си додал дека е итно неопходно да прекине огнот меѓу Иран и Израел.

„Војната не е вистинскиот начин за решавање на меѓународните спорови, бидејќи само ги продлабочува омразата и противречностите. Страните во конфликтот, особено Израел, треба што е можно поскоро да го прекинат огнот за да се спречи понатамошна ескалација“, рекол Си.

Според него потребно е да се обезбеди безбедноста на цивилите, а „црвената линија за заштита на цивилите во воените конфликти не смее да се премине“. Кинескиот претседател, исто така, рекол дека комуникацијата и дијалогот се „вистинскиот начин за постигнување траен мир“.

„Мораме непоколебливо да се придржуваме до општата насока на политичкото решавање на иранското нуклеарно прашање и да инсистираме на промовирање на враќањето на иранското нуклеарно прашање на патот на политичко решавање преку дијалог и преговори“, рекол Си.

Двајцата лидери, исто така, разговарале за меѓусебната политичка доверба и стратешката соработка на високо ниво меѓу Кина и Русија и се согласиле да одржуваат тесни размени на високо ниво и да ја промовираат соработката во различни области.