Бројот на жртви од падот на авионот во Индија се искачи на 270
Бројот на жртви во падот на авионот во Индија се искачи на 270 откако тимовите за пребарување во државата Гуџарат пронајдоа уште 10 тела, соопштија официјални лица на 14 јуни.
Боингот 787, кој леташе за Лондон, се урна врз студентски дом на медицински колеџ во станбена област во Ахмедабад неколку минути по полетувањето во четврток, при што загинаа 241 лице во авионот и најмалку 29 на земја.
Само еден патник преживеа.
Д-р Давал Гамети од Градската болница во Ахмедабад за Асошиејтед прес изјави дека оваа здравствена установа примила 270 тела, додавајќи дека во оваа болница е и единствениот што ја преживеал несреќата.
Стотици роднини на жртвите од несреќата доставија примероци од ДНК во болницата.
Повеќето од телата беа јагленосани или осакатени, што ги направи непрепознатливи. Некои роднини денес изразија фрустрација што процесот трае предолго. Властите велат дека обично се потребни до 72 часа за да се завршат анализите за совпаѓањето на ДНК.
Вчера, 13 јуни, истражителите го пронајдоа дигиталниот снимач на податоци за летот на авионот односно т.н. црна кутија. Таа беше пронајдена на покрив во близина на местото на несреќата и веројатно ќе открие индиции за причината за несреќата.
Индискиот оддел за истрага на воздушни несреќи соопшти дека почнал да работи „со полна пареа“ за да ги пронајде податоците.