Авион на Ер Индија се урнал по полетувањето за Лондон
Авион на „Ер Индија“ со повеќе од 200 патници се урнал во близина на аеродромот во западниот индиски град Ахмедабад, соопштија во четврток (12 јуни) претставници на авиокомпанијата и полицијата, без да прецизираат дали има жртви.
Авионот бил на пат кон аеродромот Гетвик во Лондон, соопшти „Ер Индија“, додека полициски претставници изјавија дека авионот се урнал во цивилна зона во близина на аеродромот, објави „Ројтерс“.
„Моментално собираме детали и ќе споделиме дополнителни информации“, соопшти авиокомпанијата Ер Индија.
Според телевизиските канали, несреќата се случила за време на полетувањето.
Снимките покажуваат запалени остатоци и густ црн чад како се издига кон небото над аеродромот.
Исто така, беа прикажани снимки од луѓе на носилки како се транспортираат со амбулантни возила.
Според извештајот на новинската агенција АНИ, во летот имало вкупно 242 лица, повикувајќи се на полициски контролен центар во државата Гуџарат.