ru24.pro
World News in Macedonian
Май
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28
29
30
31

Претреси на локации во Скопје поврзани со криминалната група „Беланоца-Барон“

0

Под раководство на предметниот обвинител што постапува во предметот под кодно име „Бункер“, единиците на МВР од рано утрината вршат претреси на пет локации во Скопје.

„Акцијата е резултат на обезбедени докази во рамките на истражната постапка што се спроведува против членовите на криминалната група „Беланоца-Барон“. Со повеќе информации обвинителството ќе излезе во текот на денот“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Со повеќе информации обвинителството ќе излезе во текот на денот.

Инаку во декември лани Обвинителството отвори истрага против 18 припадници на криминалната банда „Беланоца-Барон“. Осомничените во период од 2020 до 2024 година, организирале убиства на вкупно 8 луѓе, при што тројца други биле ранети, а на три лица им бил загрозен животот.

За 14-мина постои сомневање дека се нарачатели или директни извршители на убиства, а 12 од нив се сомничат и за злосторничко здружување. Останатите Обвинителството ги товари за кривичното дело„ изнуда“.

РСЕ веќе пишуваше дека скопското подземје го „држат“ два криминални сојузи од кои едниот е познат како „Грчец/Дуќанџик“, додека вториот е сојузот составен од неколку помали банди од кои најпознат е кланот „Беланоца“ со база во Сингелиќ и Арачиново.

Во оваа група влегуваат и криминалните банди именувани како Барон, именувани по сега веќе опожареното чаирско кафуле Барон, потоа дел од кланот Бундес и кланот од Кондово познат по Агим Красниќи кој пред неколку години побегна од затвор во Косово, но беше екстрадирани и вратен во Идризово.

Називот „Беланоца“ доаѓа од името на селото Белановце, кое се наоѓа на 25 километри северно од Скопје и во близина на границата со Косово од каде што потекнуваат дел од членовите на оваа криминална група.