Опозицијата бара детали од договорот со Британија, за власта тоа е незрело однесување
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз го поддржува Договорот за стратешко партнерство на Северна Македонија со Обединетото кралство и опозициските пратеници ќе гласаат за негова ратификација во Собранието. Но лидерот на СДСМ, Венко Филипче ја критикува Владата и бара да излезе со детали за двата договора и за стратешко партнерство и Договорот влада со влада.
Договорот влада со влада на Обединетото Кралство и Северна Македонија се очекува да биде потпишан во Лондон до крајот на оваа работна недела, додека терминот за потпишувањето на Договорот за стратешко партнерство се уште не е одреден.
Претседателот на СДСМ Филипче, денеска, на 19 мај, истакна дека е особено важно да се знаат сите параметри од Договорот со Британија, бидејќи се работи за „огромни суми на пари, камати кои што не знаеме колкави се, а кои ќе ги враќаат следните генерации“.
„Владата има обврска да ги објави сите информации. Апсолутно го поддржуваме договорот за стратешка соработка, но начинот на заемот за вакви проекти ја бележи оваа влада како антиевропска“, изјави Филипче.
Тој образложи дека наместо да го блокира патот кон Европската Унија, Владата треба да ги искористи можностите кои ги нуди ЕУ, како што се неповратните грантови.
Премиерите на Северна Македонија и Обединетото кралство, Христијан Мицкоски и Кир Стармер на маргините на самитот во Тирана на 16 мај соопштија дека двете земји постигнале согласност за стратешко партнерство.
Македонскиот премиер следниот ден соопшти дека договорот ќе биде основа за инвестициски циклус којшто „ќе има вкупна рамка од 5 милијарди фунти, односно 6 милијарда евра, при што дел од овие пари ќе бидат употребени за инвестиции во инфраструктурата, изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството и нови болници, завршување на проектот на клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот медицински факултет, студентски дом со капацитет од двестотини легла, изградба на болницата во Кичево заедно со здравствен дом, реконструкција на клиничката болница во Тетово..
Премиерот Мицкоски на критиките одговори дека опозициската партија води политика преку која критикува сè што Владата прави, а за него, тоа е нихилистичка политика.
„Се што прави оваа влада не чини. Ова е незрело однесување кога станува збор за Договорот за стратешко партнерство со Обединетото кралство“, изјави Мицкоски.
Лидерот на СДСМ Филипче упати и прашање до владата по информациите во некои британски медиуми „дали е спремна да разговара за сместување мигранти во нашата земја“.
Мицкоски претходно демантираше дека со договорот државава се обврзала на прифаќање мигранти, појаснувајќи дека станува збор за соработка на полициски сили и подобро справување со криминални групи.