Претседателката Сиљановска денеска треба да го достави предлогот за нов гувернер на Народна банка
Претседателката на државата денеска до Собранието треба да достави предлог за нов гувернер на Народната банка, за кој, според најавите, ќе се одлучува утре на пленарна седница.
Петгодишниот мандат на актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска која стапи на функцијата на 22 мај 2018 година, истекува на 21 мај.
„Има неколку кандидати и најважно е да не дојде до тоа да не биде избран кандидат“, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова минатата недела, најавувајќи дека денеска ќе го достави предлог кандидат за наследник на Ангеловска-Бежовска.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека за гувернерската позиција се во игра вонсериски искусни кандидати за кои е убеден дека ќе ја одржат макроекономската стабилност.
Еден од условите за поддршка на кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ и Владата, според Мицкоски, е стриктно бранење на фиксниот курс на денарот.
„Очекувам в понеделник да биде информирано Собранието, на 20-ти ќе има седница, разговарав со претседателот на Собранието за дополнување на дневниот ред на 20, така што рокот ќе биде испочитуван“, рече Мицкоски минатата недела на новинарско прашање.
Функцијата гувернер на централната банка пред Ангеловска Бежовска ја извршуваше Димитар Богов (2011-2018), а претходно Петар Гошев (2004-2011), Љубе Трпески (1997-2004) и Борко Станоевски (1986-1997).