Израел почна нова голема офанзива во Појасот Газа
Израелската армија (ИДФ) во петокот доцна вечерта објави дека започнала нова голема офанзива во Појасот Газа.
„Во текот на изминатиот ден, ИД започна со големи напади и мобилизација на силите за да постигне оперативна контрола во Појасот Газа. Ова е дел од подготовките за проширување на операциите и исполнување на целите на војната, вклучително и ослободување на заложниците и разбивање на терористичката организација Хамас“, се вели во соопштението на армијата на платформата Х.
Израелските медиуми објавија дека проширувањето на операциите ќе започне по завршувањето на патувањето на американскиот претседател Доналд Трамп во регионот на Персискиот Залив, доколку дотогаш не биде постигнат нов договор за Газа.
Трамп оттогаш го заврши своето повеќедневно патување, а нов договор сè уште не е на повидок.
Во петокот, палестинската новинска агенција ВАФА објави дека најмалку 100 луѓе се убиени во северниот дел на Појасот Газа од четвртокот вечерта по повеќекратните израелски воздушни напади, додека здравствените власти контролирани од Хамас соопштија дека се убиени 93 лица, а повеќе од 200 се повредени.
Бројките не прават разлика меѓу цивилни и воени жртви и не можат независно да се проверат.
Израелската влада веќе два месеци ја блокира сета помош за територијата, додека меѓународните хуманитарни организации предупредуваат на катастрофални хуманитарни услови.