ru24.pro
World News in Macedonian
Май
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Два месеци по трагедијата: Кочани не смее да остане град на тагата

0

Два месеци од пожарот во кочанската дискотека и уште само еден месец до завршувањето на истрагата. Животите ги загубија 62 млади луѓе, над 200 беа повредени, од кои стотина беа однесени на лекување в странство. Почна широка акција на полицијата и на Обвинителството, со апсења и на поранешни градоначалници, полициски началници, поранешни министри, иснпектори, полицајци...

По шокот, во Кочани тага, а гневот резултираше со спонтани протести и демолирање на локалите на сопственикот на дискотеката „Пулс“.

Родителите и роднините на загинатите и на повредените, поддржани од илјадници граѓани излегоа на улица и побараа одговорност и неселективна правда.

Обвинителството и Министерството за внатрешни работи ветија брза и непристрасна истрага, а државниот обвинител Љупчо Коцевски дури кажа и датум: „Истрагата ќе заврши до 16-17 јуни“.

Кочани нема да застане

Два месеци од тогаш, протестите, маршевите за поддршка, барањата за правда, собирите за солидарност и хуманитарните акции не застануваат. Властите речиси секојдневно убедуваат во професионалност и правичност. Пораките два месеца се истите: „Правда мора да има и Кочани не смее да остане запаметен само како градот на тагата“. Постојано се бара иницијатива да им се помогне на семејствата, на граѓаните и на градот, за Кочани да не остане град на тагата.

Во кочанската болница во моментов се лекуваат 39 пациенти, а процесот на лекување и рехабилитација е индивидуален во зависност од степенот на повредите. 65 пациенти се на домашно лекување, но и тие се вклучени во процесот на рехабилитација. Во земјава, двајца пациенти го продолжуваат лекувањето на Клиниката за пластична хирургија, додека уште двајца се хоспитализирани во приватната болница „Систина“, и тие се во стабилна состојба.

Надлежните уверуваат дека сите пациенти ја добиваат потребната медицинска нега и третман, во согласност со тежината на повредите и стандардите за лекување. Во странство моментално се лекуваат 15 лица, чиешто здравствено состојба е стабилна.

„Не знаеме веќе во што да веруваме“

Од граѓанската иницијатива „Support Кочани“ велат дека во последно време фокусот не е на Кочани онолку колку што треба да биде. Оттаму сметаат дека е потребна поголема транспарентност, организација и институционален одговор. Велат дека има позитивни примери, но многу нешта недостасуваат и дека надлежните треба отворено да кажат дали и за што им е потребна помош. Од иницијативата велат дека повредените чија состојба е подобра се откажуваат од средствата кои им се донирани и ги префрлаат на сметките на оние чија здравствена состојба е сеуште тешка. Тие алармираат дека во Кочанската болница условите за лекување на повредените не се соодветни и дека недостасува стручен медицински кадар за вакви ситуации.

„Животот продолжува зошто сите во градот имаат обврски, одат на работа, во училиште. Но, болката е тука. Луѓето бараат неселективна правда и нема да застанат додека работата не се истера до крај. Ние не знаеме во што да веруваме веќе, знаеме каков е нашиот судски ситем, колкава е довербата во него. Сакаме да се истера правдата до крај. Знам дека Кочани нема да застане додека не се истера правдата до крај“, вели Марко Димитриев од „Поддршка за Кочани“, во интервјуто за РСЕ кое во целост ќе го емитуваме во недела.

„Правда без политика“

Со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ се опфатени 34 луѓе, а за едно лице постапката е стопирана бидејќи почина. Кон средината на април, Обвинителството ја прошири истрагата и меѓу осомничените се најдоа и последниот кочански градоначалник Љупчо Папазов, и двајца поранешни Ратко Димитриевски и Николчо Илијев. Под истрага и во домашен притвор е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, поранешен државен секретар, еден раководител, службено лице и помлад соработник во Министерството. Осомничени се и поранешен директор на Пазарен инспекторат и инспектори, сопственичката на фирмата која дала елаборат за употреба на објектот како дискотека, синот на сопственикот на дискотеката „Пулс“...

За овие два месеца од кочанската трагедија беа организирани десетици протести, протестни маршови, спортски, културни и донаторски активности за поддршка на повредените и на семејствата на загинатте и повредените.

Политиката не остана на страна, колку и да инсистираа на тоа учесниците во бројните собири за поддршка на семејствата на настраданите во Кочани. Политички белег доби истрагата кога беа приведени и притворени партиски функционери, меѓу кои и поранешниот министер Крешник Бектеши, кадар на опозициската ДУИ. Реакцијата од Али Ахмети беше: Ако Бектеши биде обвинет - излегуваме на улица. Бектеши од притвор замина во домашен притвор.

„Не сте сами“

Хуманитарните акции и акциите за поддршка продолжија и денеска. Движењето „Кој е следен?“ денеска, 16 мај, направи симболичен перформанс пред Основното јавно обвинителство во Скопје со кој, како што рекоа, „сакаат да потсетат на трагедијата во Кочани и да испратат порака за потребата од неселективна правда и одговорност за системската корупција“.

„Корупцијата и моќта убиваат. Безбедноста е основно право и ние нема да престанеме да се бориме додека институциите не почнат вистински да им служат на граѓаните“, порачаа од движењето и ги повикаа сите граѓани да им се придружат ним и на родителите на загинатите во несреќата, кои секоја сабота во 16:05 часот маршираат низ Кочани, барајќи правда и одговорност.