Мајнл-Рајзингер: Билатералните прашања не треба да бидат камен на сопнување
Вие сте делот од кој Европа не може да се откаже и навистина сме сериозни кога велиме дека не сме комплетни без вас, порача денеска шефицата на австриската дипломатија, Беате Мајнл-Рајзингер, на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.
„Оваа држава има направено многу, секако дека сте имале и фрустрирачки моменти на тој пат, процесот е навистина многу долг и ние забележуваме од страна на ЕУ дека имаме обврска да почувствуваат граѓаните на оваа држава дека сме сериозни на овој пат и поради тоа се залагаме за градуелната интеграција во ЕУ и сакаме да почувствувате дека ве поддржуваме“, рече австриската шефица на дипломатијата која е во официјална посета на Скопје.
Таа сепак додаде дека Северна Македонија треба да изоди уште неколку чекори до нејзината цел- отворање на пристапниот процес на преговори со ЕУ.
„Исто така ЕУ треба да има интерес да го поддржи овој процес, да го забрза, да биде искрена и да не става уште некои камења за сопнување. Долг пат е ова, но е искрена цел за заедничка европска иднина и ние ќе направиме сè за да не ви ставаме нови сопки“, рече Мајнл-Рајсингер.
Нејзиниот македонски колега Тимчо Муцунски пак истакна дека Планот А е полноправно членство во ЕУ и од тој план државата нема да скршне.
„Меѓутоа, она што го очекуваме од Унијата е предвидливост, односно билатералните прашања да останат билатерални и не прифаќаме решение по секоја цена. Ние сме прва земја во регионот којашто потпиша Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, нешто што сега во актуелниот контекст се покажува како многу значајно. Земја лидер согласно став на високи претставници на ЕУ во делот на имплементација на Реформската агенда која е интегрален дел од Планот за раст. Значи, ние на дело покажуваме дека план А е полноправно членство во ЕУ, рече Муцунски.
Тој повтори дека како држава од Брисел очекуваме предвидливост и билатералните прашања да останат настрана од процесот на пристапување и оти се во постојана комуникација и со претставници на ЕУ, на змеји-членки, како и со претставници од Бугарија, при што некои средби се формални, а некои се неформални.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта за време на посетата на Скопје порача дека процесот на евроинтергација на земјава се одвива многу долго и оти сега е време да се испорачаат резултати.
На новинарско прашање дали има план Б за тоа да се надминат барањата од страна на Бугарија, Кошта истакна дека не треба да се потценува планот А и дека треба да се фокусираме на негова испорака. Премиерот Мицкоски, пак, на заедничката прес-конференција со Кошта, изрази надеж дека во периодот што следи заеднички ќе го одблокираме овој процес.