ru24.pro
World News in Macedonian
Апрель
2025

Објавен нов меѓународен тендер за електрична конекција со Албанија

0

АД МЕПСО објави меѓународен тендер за изградба на 400-киловoлтната конекција со Албанија, проект за комплетирање на регионалниот енергетски коридор Исток-Запад што е од клучно значење за регионалната интеграција и за енергетската стабилност на државата.

Новиот тендер е објавен откако, како што објаснуваат од компанијата, претходниот изведувач преку неоправдани барања за дополнителни средства и еднострано напуштање на теренот го загрози проектот и јавниот интерес поради што беше раскинат договорот со него.

Со тендерот се предвидува изградба на 100-тина километри надземен далновод од Трансформаторската станица Битола 2 до македонско-албанската граница во вредност од околу 17 милиони евра, финасирани преку заем и грантови од ЕБОР и европските фондови.

Рокот на доставување на понуди е 45 дена, а се очекува во третиот квартал од годинава да биде избран најповолниот понудувач. Реализацијата на проектот треба да почне на почетокот на следната година, а целосно да биде завршен до крајот на 2027 година.

„Изградбата на овој интерконектор ќе го позиционира нашиот систем како суштински дел од европската електроенергетска инфраструктура, овозможувајќи стабилно учество на регионалните пазари, пристап до системски балансни услуги и обезбедување на посигурно, поекономично снабдување за сите граѓани“, рече генералниот директор на АД МЕПСО Бурим Љатифи на денешната прес-конференција во Владата.

Изградбата на новиот интерконектор, додаде, ќе значи значајно зголемена отпорност на преносната мрежа со минимизиран ризик од прекини и ценовни шокови, отворен простор за приклучување на нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, стратешка интеграција на регионалните и европските пазари што долгорочно ќе придонесе за стабилни, достапни и конкурентни цени на електричната енергија.

„Веќе се исплатени околу 5,8 милиони евра кон претходниот изведувач Енергоинвест од кои околу два милиони евра се вратени преку банкарските гаранции. Не би рекол дека има финансиски реперкусии, бидејќи исплатените средства се отидени за набавка на опрема која е наша сопственост и е околу 50 проценти од опремата која ни треба за целосна реализација на проектот. За да потврдиме дека опремата и квантитативно и квалитативно е на ниво, ангажиравме стручни лица од Машински и Електрофакултет кои тоа го потврдија“, рече Љатифи.

Се очекува тендерот да заврши во третиот квартал од годинава кога треба да биде избран изведувачот, изведбата на проектот да започне на почетокот од 2026, а целосно да биде завршен до крајот на 2027 година.