ru24.pro
World News in Macedonian
Апрель
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29
30

Нерегистрирано ракетно гориво-можна причина за експлозијата во иранско пристаниште

0

Силна експлозија, наводно поврзана со пратка хемиска состојка што се користи за производство на ракетно гориво, уби најмалку 40 лица, а повреди повеќе од 800 други во јужниот ирански пристанишен град Бандар Абас, соопштија агенциите.

Властите во Иран не понудија јасно објаснување за тоа што ја предизвика експлозијата на 26 април во пристаништето Шахид Раџаи, иако независни експерти рекоа дека причината е неправилното складирање на натриум перхлорат, компонента што се користи во ракетното гориво.

Државните медиуми на 27 април објавија дека експлозијата сега е под контрола.

Пристаништето Шахид Раџеи е најпрометното во Иран и опслужува до 80 проценти од бродскиот сообраќај во земјата.

Хосеин Зафари, портпарол на иранската организација за управување со кризи, за експлозијата го обвини лошото складирање на хемикалиите во контејнерите во пристаништето.

„Причината за експлозијата беа хемикалиите во контејнерите“, изјави тој за иранската новинска агенција ИЛНА.

„Претходно, генералниот директор за управување со кризи го предупреди ова пристаниште за време на неговите посети и посочи на можноста за опасност“, рече Зафари.

Според приватната фирма за обезбедување Амбреј, пристаништето во март примило пратка „ракетно гориво од натриум перхлорат“, кое требало да се користи за надополнување на ракетните залихи на Иран откако тие биле исцрпени од директните напади врз Израел за време на војната со Хамас (прогласен за терористичка група од САД и Европската Унија)во појасот Газа.

Техеран не го потврди приемот на пратката, но податоците за следење на бродовите добиени од „Асошиејтед прес“ покажуваат дека бродови за кои се верува дека ја носат хемикалијата пловеле во близина на пристаништето во март.

Иран покренува истрага по експлозијата во пристаништето

Иранското министерство за внатрешни работи соопшти дека започнало истрага за експлозијата во пристаништето.

Експлозијата на 26 април се случи додека Иран и САД се состануваа во Оман на третата рунда разговори за брзо напредната нуклеарна програма на Техеран. Четвртата рунда е закажана за 3 мај, исто така во Оман.

Иако ниту еден ирански функционер не посочи дека експлозијата е резултат на напад, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, кој ја предводи делегацијата на Техеран во Оман, претходно оваа недела изјави дека „нашите безбедносни служби се во состојба на зголемена готовност со оглед на минатите случаи на саботажи и обиди за атентат со цел да се предизвика легитимен одговор“.

Во последните години, енергетската и индустриската инфраструктура на Иран е погодена од смртоносни инциденти, како што се експлозии на гас и пожари во рафинерии за нафта, за кои многумина се обвинуваат за небрежност.

Сепак, Техеран за некои од инцидентите го обвини Израел, кој изврши напади на иранска територија насочени кон нуклеарната програма на земјата.

Минатата година, Израел, исто така, ја бомбардираше воздушната одбрана на Иран.

Иран го обвини Израел дека стои зад нападот врз иранските гасоводи во февруари 2024 година, како и зад големиот сајбер напад врз пристаништето Шахид Раџаи во мај 2020 година, што предизвика хаос во транспортот неколку дена по падот на компјутерскиот систем.

Пристаништето Шахид Раџаи е најголемо во Иран и главно обработува голем обем на контејнерски сообраќај, а има и резервоари за нафта и други петрохемиски постројки.

Пристаништето се наоѓа околу 1050 километри југоисточно од главниот град Техеран, на Ормутскиот теснец, тесен устие на Персискиот Залив низ кој минуваат 20 проценти од целата светска трговија со нафта.

Локалните власти изјавија дека сите училишта, универзитети и канцеларии во Бандар Абас ќе бидат затворени на 27 април.