ru24.pro
World News in Macedonian
Апрель
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29
30

Последно збогум на папата Франциск

0

Околу 140 000 луѓе се собираа на плоштадот „Свети Петар“ и околните улици во Ватикан за да присуствуваат на погребот на папата Франциск, кој беше скромен водач и претставник на сиромашните, мигрантите и другите маргинализирани луѓе.

Плоштад „Свети Петар“ е речиси полн.

Претседатели и премиери од повеќе од 150 земји им се придружуваат на толпите верници на 26 април за да му оддадат последна почит на папата на погребната миса на плоштадот „Свети Петар“.

Меѓу присутните е и претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, и неговата сопруга Меланија. Трамп во неколку наврати се судри со Франциск, главно поради нивните спротивставени ставови за имиграцијата.

Покрај Трамп, присутни се и претседателот на Аргентина, татковината на Папата, како и шефовите на државите на Франција, Германија, Италија, Филипините, Полска, Велика Британија и Нов Зеланд.

Ватикан соопшти дека е потврдено присуство на погребот на 164 делегации, вклучувајќи 54 шефови на држави.

Погребот на папата Франциск се оджува шест дена по неговата смрт од мозочен удар и срцев застој на 88-годишна возраст.

Во текот на изминатите три дена, повеќе од 250 000 луѓе му оддадоа почит на папата Франциск во базиликата „Свети Петар“. Обичајот на обиколување на ковчегот на починатиот беше завршен во петок, 25 април, пред официјалната церемонија на плоштадот „Свети Петар“ и погребот во базиликата пред ѕидините на Ватикан.

Бездомниците и мигрантите ќе го испратат папата Франциск

Околу 40 бездомници, мигранти, затвореници и трансродови лица ќе се збогуваат со папата Франциск на плоштадот пред базиликата „Света Марија Велика“, која се наоѓа надвор од Ватикан и каде што се наоѓа неговата омилена икона на Дева Марија.

Минатата година, Франциск го надгледуваше поедноставувањето на папските погребни ритуали, со цел да се нагласи улогата на папата како обичен пастор, а не како „моќен човек на овој свет“, соопшти Ватикан.

Франциск - првиот папа погребан надвор од Ватикан

По погребната миса во сабота наутро во базиликата „Свети Петар“, ковчегот на папата ќе биде однесен во Рим, во базиликата „Света Марија Велика“.

Франциск е првиот папа погребан надвор од Ватикан по повеќе од еден век.

Погребот на папата Франциск ќе биде поедноставен од погребите на претходните папи, а ќе се одржи според упатствата што самиот ги постави.

Сепак, погребот на поглаварот на повеќе од милијарда католици низ целиот свет ќе продолжи да биде спектакл на церемонија и традиција.

Голем број полицајци и војска го обезбедуваат погребот

Италија распореди повеќе од 2500 полицајци и 1500 војници за да го обезбедат погребот, на кој се очекува да се соберат околу 200 000 ожалостени на плоштадот „Свети Петар“ и до 300 000 луѓе по четирикилометарската рута од Ватикан до местото на погребот на папата во базиликата „Света Марија Велика“.

Ватикан соопшти дека група сиромашни и ранливи луѓе ќе го пречекаат ковчегот на папата за да му оддадат почит кога ќе пристигне во базиликата за погребот, кој ќе се одржи во тајност.

По период на жалост, католичките кардинали од целиот свет ќе се соберат на конклава за да изберат нов папа.

Тајната конклава веројатно нема да започне пред 6 мај за да им се даде време на кардиналите да одржуваат редовни состаноци, да ја проценат состојбата во која се наоѓа црквата, вклучувајќи ги нејзините финансиски проблеми и идеолошки поделби.

Папата Франциск, роден како Хорхе Марио Бергољо во Буенос Аирес, Аргентина, почина на Велики Понеделник, 21 април 2025 година, на 88-годишна возраст во неговата резиденција во Ватикан, Каса Санта Марта.

Тој беше 266-тиот папа на Римокатоличката црква, првиот од Америка, првиот језуит и првиот понтиф роден надвор од Европа во повеќе од еден милениум.

Избран за папа во 2013 година, по оставката на папата Бенедикт Шеснаесетти, тој го избра името Франциск во чест на Свети Франциск Асишки, што ја одразува неговата посветеност на смирението и сиромашните.

Неговото папство беше обележано со фокусирање на милоста, социјалната правда и заштитата на животната средина.

Папата Франциск беше познат по својот едноставен и скромен начин на живот. Тој ги одби пространите папски апартмани во Апостолската палата и никогаш не се исели од хотелот во Ватикан, каде што тој и другите кардинали што учествуваа на конклавата во 2013 година беа сместени во скромни соби.