Пет пациенти се враќаат дома, на лекување во странство остануваат 38
Пет пациенти од повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска (23 април) ќе се вратат од лекување од Клиничкиот центар во Србија. Потоа во согласност со протоколот тројца ќе бидат под опсервација на Клиниката за пулмологија, а по еден пациент на Клиниката за пластична хирургија и во Хируршката клиника „Св.Наум Охридски“.
Како што информира Министерството за здравство, во текот на вчерашниот ден еден пациент се врати од лекување од Хрватска и се наоѓа под опсервација на Клиниката за пластична хирургија.
Во странските медицински центри остануваат на лекување 38 пациенти.
„Во земјава во моментот се лекуваат седум пациенти, од кои во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“ се хоспитализирани вкупно 4 пациенти, на Клиниката за пластична хирургија еден пациент, а во приватната болница Систина двајца пациенти“, се наведува во соопштението од ресорното министерство.
Од Министерството за здравство велат дека континуирано ја следат состојбата со повредените пациенти, со цел обезбедување најдобар можен третман, како и натамошна рехабилитација.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март.
Во трагедијата животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени.