ru24.pro
World News in Macedonian
Апрель
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30

Еко-активисти бараат одговорност за загадувањето со цијанид на Крива Река

0
„Буџетот е магичното стапче за загадувањето“; „Од држава со питка вода ќе станеме држава само со техничка вода“;„Крива река не ви е крива“ беа дел од пораките на еко-активистите на протестот на 12 април во врска со загадувањето на Крива Река, кое се случи по хаварија во рудникот Тораница, управуван од компанијата „Булмак 2016“.
Пред Министерството за животна средина и просторно планирање присутните побараа одговорност, увид во анализите на водите како и мерки за заштита на водоснабдувањето во регионот.

Ивана Дракулевска од Зелен Хуман Град изјави дека последната хаварија во рудникот Тораница ја покажа човечката негрижа кон животната средина.

„Пукната цевка од рудникот ја загади Тораничка Река, која потоа се влева во Крива Река, па на видеоснимките од локалните жители можевме да ја видиме реката низ која наместо вода, изгледа како да тече бетон. Го немаме луксузот да бидеме рамнодушни и да молчиме, како што молчат оние што беа должни да го спречат овој инцидент“, изјави таа.

Дополни дека бараат да се покрене истрага за надлежните лица во инсистуциите кои, според нив, морале да си ја завршат работата согласно законот а тоа не го направиле.

„Особено Државниот инспекторат за техничка инспекција и за инспекторите кои не земале мостри дента на настанот. Дали го провериле и следеле квалитетот на опремата која што располагал рудникот, техничката опрема, цевките, дали се исправни, дали не, ова можело да се предвиди и да се превенира. Не можеме да очекуваме цевка која што е стара 30 години ќе трае вечно“, посочи Дракулевска.


Случајот со Крива Река се однесува на загадување на водата во реката, кое се случи по хаварија во рудникот Тораница, управуван од компанијата „Булмак 2016“.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово започна истрага за да утврди причините и последиците од загадувањето. Истрагата потоа ја презема Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Водата во Крива Река е сериозно загадена и спаѓа во најлошата категорија на загадени води, неупотреблива за било која намена. Ова го соопшти градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, на 3 април, откако Општината ги добила резултатите и од втората анализа на водата од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), а направена на барање на риболовното друштво „Мрена“.
И претходната анализа од минатата недела, направена на барање на општината од страна на лабораторијата „Технолаб“, покажа загадување со тешки метали, вклучително олово и цијанид.
Одговорноста за токсичната вода во и во Крива Река и во Тораничка, локалната власт ја гледа кај фирмата БУЛМАК 2016 ДООЕЛ, која стопанисува со рудникот Тораница.
Компанијата „Булмак 2016“, која е сопственик на рудникот „Тораница“ ги отфрла обвинувањата дека ја загадиле водата во Крива и Тораничка река.
„Можеби имало некакво загадување во Крива Река, но ние сме убедени дека по добивањето на резултатите од лабораторијата и сите чекори што ги презедовме, како компанија која има највисока А интегрирана еколошка дозвола, постапивме целосно согласно законските прописи и дека причината за заматување или загадување или било каква друга последица не е компанијата Булмак, односно не е рудникот Тораница“, изјави директорот на БУЛМАК, Тони Тоневски на 2 април.